
По 30 години продолжи пробивање на булеварот Благоја Тоска во Тетово кај касарната
Градежна механизација започна со активности за пробивање на булеварот „Благоја Тоска“ во делот кај тетовската касарна. Се работи за делница од 400 метри, која треба да излегува кај градскиот стадион на регионалниот пат Тетово-Јажинце.
Препорачано
„Овој дел од булеварот беше ветен дека ќе биде пуштен во употреба неколку пати, но тоа ветување не се оствари. Сега ние ќе го заокружиме овој проект во делот кон граничниот премин Јажинце. Се надеваме дека ќе се растерети овој сообраќаен хаос во овој дел на градот. Овој прокет се надеваме дека ќе заврши за неколку месеци“, рече градоначалникот на Тетово Билал Касами на денешната промоција на почетокот на градежните активности.
Во делот кај тетовската касарна булеварот Благоја Тоска 30 години чека да се пробие. Во 2009 година тука се изгради и кружен тек, но работите запреа. Сега градоначалникот ветува негова целосна реализација, како и пробивање на другите булевари во Тетово, но без информации кога ќе бидат завршени
„Булеварот Индустриска продолжува да се пробива. Ќе треба и таму да видиме до каде се работите, а пробивањето на булеварот Илинденска е во напредна фаза на планирање. Но, се доддека нема детален урбанистички план на тие урбани блокови во кои се протега тој дел од булеварот, ние не можеме да започнеме со градежни активности. Ние обезбедивме компанија која работи во делот на планирање и урбано решение каде ќе се протега тој булевар кога ќе го имаме урбанистичкото планирање ќе почнеме со пробивање“, рече Касами.
Тој се пофали дека веќе е избрана компанија за изградба на градскиот стадион во Тетово. Остануваат уште неколку дена да се дозавршат одредени формалности, а градежните активности на терен ќе започнат овој или наредниот месец, дополни Касами.