
Пленковиќ за усташкиот поздрав „За дом спремни“: Забраната не е решение
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес изјави дека решението за проблемот со употребата на усташкиот поздрав „За дом спремни“ не е во забраните, туку во образовниот систем, пренесува Н1.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
„Решението е во образовниот систем, јасно да се дефинираме за фашистичките злосторства, за злосторствата по 1945 година. Со забрани нема да постигнете ништо“, изјави Пленковиќ, претседател на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), пред хрватскиот Парламент.
Претседателот на опозициската Социјалдемократска партија (СДП) на Хрватска, Синиша Хајдаш Дончиќ, претходно го праша Пленковиќ „дали е доволно храбар“ да поттикне дебата во Парламентот за усташкиот поздрав „За дом спремни“.
Хајдаш Дончиќ изјави дека е лага дека „За дом спремни“ е патриотски поздрав и оцени дека е „време Хрватска да сврти нова страница“.
Лидерот на СДП претходно најави иницијатива за измена на кривичните и прекршочните закони за појасно регулирање на казнувањето за величење на усташките, четничките и другите режими, како и негирањето и величењето на злосторствата извршени по Втората светска војна.
Хрватските медиуми објавуваат дека неговиот предлог, исто така, предвидува „многу рестриктивни исклучоци“ за казнување на усташкиот поздрав – кога се користи во врска со војната во 1990-тите, што го доближува до ставот на ХДЗ кој дозволува „двојна конотација“ на усташкиот поздрав.
Пленковиќ денес изјави дека „поделбите и поларизацијата во општеството“ биле иницирани од левичарските партии по концертот на Марко Перковиќ Томпсон во Загреб во јули оваа година.
„Ако никој не ја казнил (Томпсоновата) песна „Чавоглаве“ 30 години, нема ни денес. Не ни припишувајте кукавичлук, радикализам, историски ревизионизам или усташизам, бидејќи тоа го нема, тоа не е наша политика“, рече Пленковиќ.