
Пишувањето на романот „Илина и шумските тролови“ беше весел и радосен предизвик за Хана Корнети
Издавачката куќа „Или-или“ го објави романот за деца „Илина и шумските тролови“ на Хана Корнети. Иако содржи низа фантастични детски авантури, романот е згодно четиво и за возрасните кои, сѐ уште, го чуваат и негуваат детето во себе.
Препорачано
Романот имаше прекрасна промоција со промоторките Ана Алексовска и Ника Ќулавковска во барот „Вудсток“ пред новогодишните празници. Дизајнот на корицата е на Александра Софрониеска.

Предизвикот за пишувањето на романот „Илина и шумските тролови“ ни го открива авторката Хана Корнети.
– Пишувањето на „Илина…“ беше неочекуван предизвик – немав план да го пишувам – едноставно ме повлече за фустан и побара да постои. Пишувањето на „…и шумските тролови“ беше весел, радосен предизвик. Обично кога ќе завршиме нешто, го памтиме најмногу убавото – но сепак, ми се чини дека ниеден дел од процесот на пишување на овој роман не ми беше мачен, иако на периоди беше напорен.
Уживав додека го пишував и препишував, додека истражував по нешто, додека разговарав со луѓе за разни концепти, додека ѝ се мешав на Александра (илустраторката) со идеи за корицата. Процесот ме научи на многу работи – на пример, дисциплина во пишувањето. Последователно, ме научи да уживам во создадената рутина на пишување. Ми ја откри убавината на романот во споредба со краткиот расказ, бидејќи овде не мора толку бргу да се збогувам со ликовите. Плус, ми годи шансата подлабоко да ги развијам.
Ме научи дека треба во иднина повеќе да истражувам за да го дооформувам светот во кој се случуваат дејствијата. Ме научи дека за да се убедливи ликовите, треба да имам колку-толку љубов и разбирање за сите нив.
Ме потсети колку е тешко паралелно да пишуваш роман и да имаш редовна работа – неколкуте месеци кога правев пауза од работа и се занимавав со фриленс проекти беа совршен период за пишување. Може да заклучам дека беше и образовен предизвик – но за среќа, многу сакам да учам – открива авторката Хана Корнети.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 213, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.01.2024)