Фотографија: КултурОп

Пијанистот Симон Трпчески блескаво ја заокружи резиденцијалната серија концерти во Монте Карло

Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески на 4 август, во „Палатата на Принцот“ во Монте Карло, со блескав настап го заокружи своето гостување како резиденцијален артист на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, во чии рамки одржа серија концерти во тековната сезона 2023/24 година, известија од „КултурОп“.

Овојпат публиката со овации ја поздрави изведбата на Концертот за пијано и оркестар број 2 од Јоханес Брамс, што Трпчески и овој реномиран оркестар го изведоа под диригентската палка на неговиот уметнички и музички раководител, маестро Казуки Јамада од Јапонија.

Минатиот месец оваа добитна концертна комбинација настапи и во Колмар, Франција. Пребирливата публика од својот миленик беше наградена и со изведба на бис (квартет од Брамс од албумот „Пријателство“).

Во рамките на резиденцијалниот престој што започна во октомври минатата година, кога Трпчески на сцената во салата „Рение Трети“ со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло настапи со Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахманинов, веќе во јануари годинава заедно со своите пријатели Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев го изведе проектот „Македонисимо“. Следеше целовечерен рецитал на кој Трпчески исполни програма со дела од Шопен, Моцарт, Чајковски/Плетњев, Бетовен и Прокофјев.

Богатиот концертен распоред на нашиот пијанист што изминатиот период го одведе на сцените во Соединетите Американски Држави, Швајцарија, Романија, Шкотска, Јужна Кореја и Германија, наредниве два месеца продолжува во Холандија, Франција, Германија, Шведска, Романија и САД, известија од „КултурОп“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот