
Петровска вели Резолуцијата е подадена рака за иднината на државата, Митева: За СДСМ црвените линии се Бугарите во Уставот
Резолуцијата на СДСМ за црвените линии е подадена рака за заедништво и заеднички исчекор за иднината на државата, рече пратеничката Славјанка Петровска во емисијата „24 Анализа“ на ТВ 24, на која присуствуваше и портпаролката на Владата, Марија Митева.
Препорачано
Петровска нагласи дека за македонскиот идентитет и јазик никогаш не се преговара и дека секогаш треба да бидат заштитени.
„Ова треба да го сметаат како подадена рака, која очигледно ВМРО-ДПМНЕ не ја заслужува, но должни сме да го направиме тој исчекор, пред сè, заради државата“, порача Петровска.
Таа ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека откако е на власт, Македонија не е мрдната од мртва точка во поглед на евроинтеграциите, и покрај тоа што владејачката партија за време на изборите во 2024 година ветуваше репреговарање на Преговарачката рамка и подобри позиции за државата.
Петровска ги повика сите партии внимателно да ја разгледаат предложената резолуција и да дадат свои забелешки.
„Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ полека но сигурно ги троши џокерите кај граѓаните. Препораката или замолницата од Венко Филипче е да не се злоупотребува во изборната кампања. Ова нека биде период во кој сите политички партии и општествени чинители ќе ја разгледуваат предлог-резолуцијата и ќе дадат свои забелешки. Финалниот производ, кој не треба да биде ничиј белег, бидејќи европската интеграција не е процес контролиран само од една политичка гарнитура, ќе придонесе сите заедно понатаму да го продолжиме патот на европската интеграција“, истакна Петровска.
Според портпаролката на Владата, Марија Митева, позициите на државата се нарушени изминатите седум години до степен што многу работа е потребно на таа тема. Таа рече дека не виделе ништо ново во долгонајавуваната Резолуција на СДСМ и дека не станува збор за некоја нова резолуција.
Митева објасни дека ВМРО-ДПМНЕ од самиот почеток предупредува дека суштината не е само вметнувањето на Бугарите во Уставот, но СДСМ нема слух ниту за граѓаните ниту за националните интереси.
„И додека ние како опозиција велевме дека не е суштината само Бугарите во Устав, туку е многу поголема, вие велевте дека ние шириме паника, дека ние сакаме да ѝ наштетиме на државата, дека ние немаме цел да ја внесеме Македонија во ЕУ. А малку време подоцна, само по 15 месеци, да излезете со резолуција во којашто велите дека црвени линии се токму македонскиот јазик, идентитет и култура и дека нема преговарање за нив“, рече Митева и нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ ниту преговара за македонскиот јазик, идентитет и култура, ниту тоа ќе го направи во кои било преговори.
Таа ја праша Петровска дали за СДСМ црвените линии се вметнување на Бугарите во Уставот?
Во однос на решавањето на спорот со Бугарија, Митева нагласи дека потребен е дијалог во насока на решавање на состојбата.
„За оваа состојба проблемот е на маса. Имаме две можности. Едниот е да го игнорираме и да се фокусираме на она што е само домашна задача. Другата можност којашто ја имаме е да навистина отвориме дијалог и да ги презентираме позициите, пред сè на македонскиот народ и на она што сметаме дека е нанесена неправда“, рече портпаролката на Владата.
Митева додаде дека Владата останува отворена за вистинска дипломатија, но рече дека Македонија доста време е во чекалницата.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера ја претстави предлог-резолуцијата за утврдување на националните позиции во однос на евроинтеграцискиот пат на земјава. Резолуцијата, како што рече тој на вчерашната прес-конференција, се фокусира на два аспекта – првиот се однесува на почитување на определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија. Вториот – дека земјава е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, со исполнување на уставните измени, без прифаќање нови барања од билатерален или идентитетски карактер.
Претседателот на Владата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва изјави дека по завршувањето на локалните избори, ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе предложи „македонска резолуција којашто ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси“. Тој изнесе повеќе забелешки за резолуцијата на опозициската партија СДСМ.