Насловни корици на петте финалисти за „Драги“

Пет преводи на книжевни дела влегоа во финалето за наградата „Драги“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје соопшти дека на претпоследната дискусија за доделување на наградата за најдобар превод „Драги“ комисијата во состав д-р Анастасија Ѓурчинова (претседател), д-р Јана Михајловска, и Иван Шопов (членови) одлучила во последниот круг на селекција да влезат пет преведувачи со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици.

Распоредени по азбучен ред според првата буква од името на преведувачот во финалето влегоа: Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“, 2024 година: Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“, 2024 година; Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“, 2024 година; Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук, издание на „Антолог“, 2025 година; и Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“, 2024 година.

Во партнерска соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје соопштувањето и доделувањето на наградите „Драги“ ќе се случи на 2 октомври, во 10:30 часот, во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните.

Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Наградата се состои од статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари.

За наградата „Драги“ првично беа номинирани 35 прозни дела на 33 преведувачи, објавени од 18 издавачки куќи или поединци, за преводи направени од 17 различни јазици. Годинава првпат е воведена приоритетна книжевна категорија која ќе се менува секоја година. Во 2025 тоа е прозата (фикцијата) и опфаќа романи, збирки раскази, есеистика, дневници и слично.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот