
Перформансот „Напуштени простори, напуштени тела, напуштени сеќавања“ ќе има премиерна изведба во Охрид
Културниот центар „Медиа Артес“ на 16 февруари, во 20 часот, во НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид премиерно ќе ја изведе театарската, локациски специфична претстава „Напуштени простори, напуштени тела, напуштени сеќавања“.
Препорачано
„Напуштени простори, напуштени тела, напуштени сеќавања“ е третата етапа од трилогијата на проектот „Сиот свет е сцена – Имерзивен и партиципативен театар како алатка за адресирање на општествени прашања и предизвици“ на Здружението на уметници Културен центар „Медиа Артес“.
„Напуштени места“ се однесува на неискористените потенцијали на просторите и културното наследство – места полни со сеќавања, метаморфоза, нови перцепции, регенерација, мистерија, бунт, угнетување.
Оваа локациски специфична театарска претстава ќе се одвива низ просториите на Културниот центар НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид, истражувајќи епизоди и моменти од лични приказни, ранливи состојби и спомени.
Изведбата ќе се движи назад во минатото и напред во една алтернативна иднина, во која ликовите сонуваат да бидат. Целиот простор е креиран според внатрешниот свет на протагонистката и текот на мисли кои испливуваат на површина, откривајќи одамна заборавени лични ритуали, угнетувања и ветувања. Колку повеќе ликот станува свесен, толку посилна е нејзината потреба да се ослободи од структурите создадени за неа, кои таа самата не ги создала. Таа почнува да го препознава кодот на однесување што се пренесува од мајка на ќерка со векови.
Таа се ослободува од товарот на борбата за место во историјата, учејќи како да биде човек, автентична во својата проценка, желби и начини на исполнување на животот, секогаш свесна за она што го остава зад себе откако ќе ја нема повеќе. Таа е мудра, воин, девојка, заробено битие, мајка, ќерка; таа е исцелителка и пејачка; таа е мрзлива и вредна; таа е сè и насекаде, а може да биде ништо и никаде.
Перформансот е креативен процес на соработка помеѓу тимот на актери и драматург. Станува збор за експериментално театарско дело, локациски специфичен перформанс, кое иницира лично внатрешно патување и длабока имерзивност.
Во перформансот играат Адријана Билаловиќ-Тодороска, Павел Маслов, Билјана Билаловиќ-Велјаноска, Јасмина Василева и Јасмина Билаловиќ. Драматург и режисер е Јелена Вуксановиќ. Текстот е колективно авторство на актерите и драматургот. Костимите ги креираше Павел Маслов, светлото го подготви Илија Левески, а извршен продуцент е Јасмина Билаловиќ.
Продуцент на перформансот е Културен центар „Медиа Артес“, копродуцент е НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид, а партнер во имплементацијата е КСП „Центар-Јадро“ – Скопје. Проектот финансиски е поддржан од Амбасадата на Швајцарија во РСМ и Агенцијата за развој и соработка на Швајцарија.