Козмин Перца е поет, романописец, драматург и есеист

Перформанс на романскиот писател и поет Козмин Перца ќе се одржи во „Буква“

Романскиот писател Козмин Перца пред македонската културна јавност ќе се претстави со поетскиот перформанс „Војна“, што ќе се одржи на 24 септември (среда), во 20:30 часот, во кафе-книжарницата „Буква“, известија од Македонскиот ПЕН-Центар.

На перформансот ќе му претходи кратко претставување на поетскиот опус на Перца од страна на Никола Маџиров и Владимир Мартиновски. По перформансот предвиден е и разговор со публиката, кој ќе го води Роберт Алаѓозовски. Поетскиот перформанс ќе биде изведен на англиски и на романски јазик со употреба на мултимедијални средства: музика, говор на телото и видео фрагменти од претходни изведби на Козмин Перца.

Козмин Перца овој месец престојува на резиденција во Скопје, во организација на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“. Тој е претставник на Романскиот ПЕН-центар во Балканскиот ПЕН книжевен круг, во чии рамки е активен и Македонскиот ПЕН-центар.

Козмин Перца е роден во Марамуреш, Романија, во 1982 година. Тој е поет, романописец, драматург и есеист. Дипломирал на Факултетот за книжевност на Универзитетот Бабеш-Бољаи во Клуж. Перца магистрирал по современа литература на Универзитетот во Букурешт, а потоа докторирал со теза за фантастичната литература. Неговите дела се преведени на осумнаесет јазици, а во 2012 година е избран за најдобар млад романски прозаист. Во романскиот и странскиот печат има повеќе од петстотини рецензии и референци за делото на Перца.

Во последните десет години, тој е награден со некои од најпрестижните романски книжевни награди. Неговите романи се преведени на српски, хрватски и арапски јазик, а има и антологии на поезија преведени на француски и шпански јазик.

Перца моментално работи како хонорарен уредник и професор по компаративна книжевност на Универзитетот „Хиперион“ во Букурешт. Учествувал на голем број книжевни фестивали во светот, меѓу кои и на СВП, известија од Македонскиот ПЕН-Центар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот