Пензионери платиле за дрва, а се смрзнуваат

Дрва за огрев / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Клаузула со казнени поени, размислува в година да вметне Сојузот на Здруженија на пензионери, во договорите за купување на огревно дрво. Досега такво нешто немаше, па не е чудно, што редовно се повторува скандалот со платени, а неиспорачани дрва.Инаку, ЈП„ Национални шуми“, освен со пензионерите, склучува договори со училишта и градинки и тие треба да имаат приоритет

Клаузула со казнени поени, размислува в година да вметне Сојузот на Здруженија на пензионери, во договорите за купување на огревно дрво. Досега такво нешто немаше, па не е чудно, што редовно се повторува скандалот со платени, а неиспорачани дрва.

-Наместо да сме први на списокот и да нема расправии со економските оператори, ние сме последни на опашката, вели за „Слободен печат“, Станка Трајковска, претседател на СЗП.

Секој септември е иста слика, поплаките се множат, а нема кој да не заштити од самоволието, додава таа. По притисокот, последниве денови, работите се придвижуваат, па добар дел од членовите во Битола, Тетово, Демир Хисар, почнаа да ги добиваат платените дрва, информира Трајковска. Основото оправдување за доцнењата, кое постојано се лиферува, според претседателката на Сојузот, е недостатокот од работници кои треба да влезат во шума и да сечат. За пет години бројот на вработени во претпријатието се намалил за 400, а само годинава околу 150 лица од таму заминуваат во пензија.

-А дојде септември, почнуваат проблемите. Телефоните фрчат, се расправаме, се докажуваме. Ова не е фер, бидејќи се работи за стари луѓе, од кои најголемиот дел се социјално ранливи категории со ниски пензии и од рурални средини. Многумина се болни, немаат кој да им помогне, децата не им се тука, па оттука и нивната постојана грижа дали ќе им стигнат дрвата за греење.  Луѓето не се криви, тие навреме уплаќаат на рати и секојдневно се јавуваат кај нас. Затоа размислуваме да побараме канзени поени за несовесните економски оператори – вели претседателката на пензионерскиот Сојузот.

Инаку од први септември годинава по 13 години, цените  на огревното дрво се зголемија за 20 отсто. Цената на најскапото и најквалитетно дрво – дабот, се зголеми од 2.900 денари на 3.564 денари по кубен метар. Буката сега чини 3.444 денари, јаворот е 3.204, тополата е 3.084 денари по кубик. Претходно, Владата ја највисоката трговска маржа на 10 отсто како посебен услов во трговијата за: огревно дрво од даб; огревно дрво од бука и пелети за огрев. Истовремено, се забрани и извозот на овие производи.

За среќа, пензионерите ги уплатија дрвата по стара цена и за нив не важеше поскапувањето. Сега еден кубик дрва по приватните складишта се продава и над 5.000 денари за кубик. Големата разлика во цените на дрвата за огрев во „Национални шуми“ и приватните складови се должи на тоа што приватните складови не подлежат на Регулаторна комисија и тие слободно ја формираат цената на производите. Инаку, ЈП„ Национални шуми“, освен со пензионерите, склучува договори со училишта и градинки и тие треба да имаат приоритет.

Од ЈП „Национални шуми“ изминатиот период постојано истакнуваат дека имаат сериозен недостиг на сечачи и доставувачи. Многуми си заминале, а некои се вработиле во други фирми. Нема ниту машинисти, ниту багеристи, а фалат и шумски инжинери кои би работеле на шумската стратегија. ЈП „Национални шуми“ стопанисува и управува со државните шуми и шумското земјиште со приближно околу 90 отсто од шумите кои се во државна сопственост (во државна сопственост отпаѓаат околу 90 од вкупната површина под шуми, додека околу 10 отсто отпаѓа во приватна сопственост-физички лица, но и концесии МПЦ-ОА, ИВЗ). Останатиот дел 10 отсто отпаѓа на површини под шуми и шумско земјиште со кој управуваат Националните паркови и повеќе наменската Јавна Устанува Јасен.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот