Пендаровски: Мојот став за избор на претседател во Собрание е јасен, прашањето е дали ДПМНЕ го промениле ставот?

Стево Пендаровски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Откако вицепремиерот и министер за политички систем Артан Груби вчера соопшти дека гласовите на ДУИ во вториот круг ќе одат за онаа партија која ќе прифати претседателот на државата во иднина да се бира во Собрание, од ВМРО-ДПМНЕ денеска упатија прашање до претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, дали го прифаќа условот за поддршка во вториот круг.

-Артан Груби го испорача условот на ДУИ, тој кажа дека услов за коалиција и поддршка во втор круг е ДУИ да добие ветување за избор на претседателот на државата во собранието од наредните избори. Стево Пендаровски како слуга, поддржувач и човек што се восхитува на Али Ахмети да каже дали за него е прифатлив овој услов за поддршка во вториот круг. Пендаровски и СДС јасно да кажат дали ќе прифатат претседател на државата да се бира во собранието, наместо директно од народот? – се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Од изборниот штаб на Пендаровски испратија куса изјава во која се вели „Пендаровски се има изјаснето на оваа тема. Прашањето е дали ДПМНЕ го промениле ставот?“

Инаку, Пендаровски кога ја најави кандидатурата за втор претседателски мандат беше прашан за избор на претседател на државата во Собрание, а тој посочи дека е подобро да се има независен шеф на државата.

– И пред да бидам претседател, но и сега имам став околу тоа прашање. Далеку е подобро да имате претседател кој е независен во однос на политичките субјекти, па и во однос на економските центри на моќ. На пример, во 2019 година за аферата „Рекет“ бев во директна колизија со ставовите на тогаш владејачката партија. Ако тогаш бев избран во Собранието, ќе бев сменет од оваа функција истото попладне, и затоа мислам дека на Македонија ѝ е потребна една ваква независна институција, која дури и на оние кои го предложиле и го гласале ќе им каже кога претерале – изјави Пендаровски, одговарајќи на новинарско прашање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот