Партиските лидери ќе се соочат в понеделник, точно напладне

Лидерска средба со коалиционите партнери / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

 Дел од темите што премиерот и лидерите на парламентарните партии ќе ги стават на маса на лидерската средба се датумот за парламентарните и претседателските избори, внесување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во Изборниот законик, евроатлантските интеграции, укинувањето на техничката влада, комплетирање на ДИК, прочистување на Избирачкиот список итн.

Датумот за парламентарните и претседателските избори, внесување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во Изборниот законик, евроатлантските интеграции, укинување на техничката влада, комплетирање на Државната изборна комисија (ДИК), прочистување на Избирачкиот список, се само дел од темите што премиерот и лидерите на парламентарните партии ќе ги стават на маса на лидерската средба која Димитар Ковачевски ја најави, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски прифати да се одржи в понеделник.

Лидерите на партиите вчера требаше да ги добијат поканите за состанокот. Ковачевски и Мицкоски го прецизираа и времето лидерската да биде точно напладне, откако опозицискиот лидер замоли состанокот да биде по 11 часот зашто претходно има часови со студентите.

– Од медиумите дознавме дека премиерот Ковачевски закажува лидерска средба за понеделник поврзана со изборите. Таквата комуникација преку медиуми за вака важни прашања е негов избор. Лидерска средба е секако прифатлива за в понеделник, на која очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датум за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ. Воедно, бидејќи се одлучи за комуникација преку медиуми, замолуваме средбата да биде по 11 часот, в понеделник, бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ има часови со студенти на Машинскиот факултет, каде што работи како редовен професор – брифираат од опозициската партија.

Ковачевски најави лидерска средба за договор за изборите за в понеделник. За лидерската покани ќе добијат претставници на сите парламентарни партии и претседателот на Собранието Талат Џафери.

– Ќе се разговара за евроатланските интеграции на земјата, за одржување редовни претседателски и парламентарни избори и за измените на Изборниот законик – рече Ковачевски.

Извесно е дека ќе падне меѓулидерски договор за заеднички избори на 8 мај како единствен датум за парламентарните и претседателските избори да се одржат во редовен термин, но и дека власта ќе ја отфрли понудата на Мицкоски да се укине техничката влада и во последните 100 дена од мандатот да нема премиер од ДУИ. Очекувањата се дека во Изборниот законик ќе се вметнат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, кои партиите ги третираат како технички. Останува дилемата дали лидерите ќе се договорат кој ќе го пополни испразнетото место во ДИК, бидејќи на огласот конкурирал и кандидат поддржан од Беса и кандидат поддржан од Алијанса за Албанците. Ако се потврдат информациите на „Слободен печат“ дека СДСМ ќе го поддржи опозицискиот кандидат на Беса, можно е тоа да предизвика нови несогласувања помеѓу владините партнери Ковачевски и Арбен Таравари. Од Алијанса велат дека не го даваат столчето во ДИК, но не прецизираат дали Таравари ова прашање ќе го стави на маса на лидерската.
Од друга страна, висок функционер од Европскиот сојуз за промени, во брифинг за „Слободен печат“ вели дека ја чекаат поканата за лидерска за да ги изградат своите позиции.

– Од поканата ќе видиме за што Ковачевски ја свикува лидерската и за што сака да разговараме, па потоа ќе видиме кои ќе бидат нашите позиции. Една работа е јасна – без наш член во ДИК избори ќе нема – вели функционерот.

Претседателот на Собранието Џафери пред неколку денови изјави дека според најавите и претпоставената динамика, ако парламентарните и претседателските избори се одржат заедно на 8 мај, изборите ќе ги распише на 27 или 28 февруари. Ако има заеднички избори, според Пржинскиот договор, техничката влада треба да се формира на 27 или 28 јануари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот