Знамето на Палестина/ Фото: EPA-EFE/MATTEO CORNER

Палестинската самоуправа ќе добие 170 милиони евра од 12 држави

Дванаесет земји – меѓу кои Франција, Обединетото Кралство, Јапонија, Саудиска Арабија и Шпанија – формираа коалиција за финансиска поддршка на Палестинската самоуправа и најавија помош од 170 милиони долари, откако Израел ги задржа нејзините даночни приходи, објави „Ориент тудеј“.

„Итната коалиција за финансиска одржливост на Палестинската самоуправа е создадена како одговор на итната и без преседан финансиска криза, со која се соочува ова тело. Целта е да се стабилизираат финансиите на институцијата со седиште во Рамала, да се зачува нејзината способност за управување, обезбедување основни услуги и одржување на безбедноста – сите елементи неопходни за регионална стабилност и за зачувување на решението со две држави“, соопшти шпанското Министерство за надворешни работи.

Во коминикето се нагласуваат и „значајните претходни финансиски придонеси“ и ветувањата за „одржлива поддршка“ на коалицијата, во која се вклучени и Белгија, Данска, Исланд, Ирска, Норвешка, Словенија и Швајцарија.

Канцеларијата на палестинскиот премиер Мохамад Мустафа соопшти дека донаторите ветиле најмалку 170 милиони долари финансиска помош за Палестинската самоуправа. Саудиска Арабија ќе обезбеди 90 милиони долари, соопшти нејзиниот министер за надворешни работи, принцот Фаисал бин Фархан, во четвртокот вечерта, според државните медиуми.

Според Парискиот протокол од 1994 година, Израел ги собира даночните приходи во име на Палестинската самоуправа. Но, по избувнувањето на војната во Газа на 7 октомври 2023 година – денот на нападот на Хамас врз израелска територија – Израел почна да ги задржува тие приходи. Палестинската самоуправа вели дека тоа ја влошило состојбата со основните услуги како здравството и образованието и ја зголемило сиромаштијата. Израелските власти, пак, тврдат дека дел од задржаните средства се користат за покривање на трошоци како што е електричната енергија што им се продава на Палестинците.

Екстремно десничарскиот израелски министер за финансии, Безалел Смотрич, кој пред четири месеци ги стопираше сите трансфери кон Палестинската самоуправа, вети дека ќе продолжи со „економско задавување“ за да ја доведе до колапс и да спречи создавање палестинска држава.

Оваа објава доаѓа во момент кога традиционалните сојузници на Израел, вклучувајќи ги Франција и Обединетото Кралство, беа меѓу државите кои оваа недела на Генералното собрание на ОН во Њујорк ја признаа Палестина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот