Фото: Sergey Nivens / Shotshop GmbH / Profimedia

Овој вид телесни масти е најопасен: Поврзан со брзото стареење на срцето

Прекумерните количини на висцерални масти – мастите што ги опкружуваат органите на телото – се поврзани со побрзо стареење на срцето, открива нова студија од научници во Велика Британија.

Стареењето е најголемиот фактор на ризик за срцеви заболувања, но зошто некои луѓе стареат побрзо од другите не е целосно разбрано. Научниците кои ја воделе студијата рекле дека висцералните телесни масти може да играат важна улога во забрзувањето на стареењето на срцето и крвните садови. Познато е дека овој вид масти е штетен за здравјето, а оваа студија сега го поврзува со побрзо стареење на срцето, објавува „Сајенс Дејли“ (ScienceDaily).

Студијата, предводена од научници од Лабораторијата за медицински науки на Советот за медицински истражувања (MRC) во Лондон, исто така идентификуваше разлики помеѓу мажите и жените и откри дека маснотиите околу колковите и бутовите потенцијално би можеле да го забават стареењето на срцето кај жените.

Возраст на срцето

Во студијата, објавена во „European Heart Journal“, научниците анализирале податоци за 21.241 лица од базата на податоци на „UK Biobank“, која вклучува податоци добиени од скенирања на целото тело за да се мапира количината на маснотии и нејзината локација во телото.

Податоците од базата на податоци на UK Biobank вклучуваат детални скенирања на срцето и крвните садови. Вештачката интелигенција беше користена за анализа на скенирањата за да се идентификуваат знаци на стареење во органот – како што се вкочанетост и воспаление на ткивата. На секоја индивидуа ѝ беше дадена „возраст на срцето“ што можеше да се спореди со нивната вистинска возраст во времето на скенирањето.

Истражувачите открија дека побрзото стареење на срцето е поврзано со повисоки нивоа на висцерална маст. Висцералната маст е маст што се наоѓа длабоко во абдоменот околу органи како што се желудникот, цревата и црниот дроб. Овој вид маснотии не е видлив однадвор, а некои луѓе можат да имаат големи количини на висцерална маст и покрај тоа што имаат здрава тежина.

Истражувачите пронајдоа знаци во крвните тестови дека висцералната маст е поврзана со зголемено воспаление во телото – потенцијална причина за предвремено стареење. Тие, исто така, пронајдоа разлики меѓу половите. Распределбата на маснотиите од машки тип (масти на стомакот, честопати наречени облик на јаболко) беше особено предикативна за рано стареење кај мажите. Спротивно на тоа, генетската предиспозиција за маснотии од женски тип (масти на колковите и бутовите, честопати наречени облик на круша) беше заштитна од стареење на срцето кај жените.

Истражувачите, исто така, пронајдоа врска помеѓу повисоките нивоа на естроген кај жените пред менопауза и побавното стареење на срцето, што, според нив, може да укажува на улогата на хормоните во заштитата од стареење на срцето.

Јаболко наспроти круша

– Знаевме дека постои разлика помеѓу телата во облик на јаболко и круша, но не беше јасно како тоа доведува до лоши здравствени исходи. Нашето истражување покажува дека лошите масти, скриени длабоко околу органите, го забрзуваат стареењето на срцето. Но, некои видови масти можат да штитат од стареење – особено мастите околу колковите и бутовите кај жените. Исто така, покажавме дека БМИ не е добар начин за предвидување на возраста на срцето, што ја нагласува важноста на знаењето каде се складираат мастите во телото, а не само вкупната телесна тежина – рече професорот Деклан О’Реган, кој го водеше истражувањето во Лабораторијата за медицински науки на MRC и Империјал колеџ во Лондон, а е и професор во Британската фондација за срце, додавајќи:

– Целта на нашето истражување е да пронајдеме начини за продолжување на здравиот животен век. Иако е важно да се биде активен, откривме дека скриените масти сепак можат да бидат штетни дури и кај здрави луѓе. Во иднина, планираме да истражиме како терапиите со лекови, како што се инхибиторите на GLP-1 како Оземпик, не само што можат да го подобрат дијабетесот и дебелината, туку и да ги таргетираат ефектите од стареењето предизвикани од скриените висцерални масти.

Професорот Брајан Вилијамс OBE, главен научен и медицински службеник во Британската фондација за срце, рече: „Веќе е познато дека вишокот висцерални масти околу срцето и црниот дроб може да доведе до висок крвен притисок и висок холестерол, па затоа е загрижувачки што може да го забрза и стареењето на срцето и крвните садови.

„Бидејќи е поврзан со естрогенот, овој хормон би можел да биде клучен за идните терапии развиени за борба против стареењето на срцето. Поздравата исхрана и поголемата физичка активност можат да помогнат во намалувањето на нивоата на висцерални масти“, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот