Фото: Профимедиа

Ова ќе ги докрајчи Балканците: Еве зошто мажените жени ја губат сексуалната желба

Новото истражување откри зошто мажените жени, како и оние во долги љубовни врски, имаат поголема веројатност да доживеат намалување на нивната желба за интимни односи.

Имено, истражувањето објавено во „Архиви на сексуално однесување“ (Archives of Sexual Behavior) покажало дека жените ја губат желбата за водење љубов со мажи кои одбиваат да извршуваат домашни работи. Психолозите Емили А. Харис, Аки Гормезано и Сари ван Андерс интервјуирале повеќе од 100 жени кои живеат со партнери и имаат деца и им поставиле прашања за нивното ниво на сексуална желба, поделбата на домашните обврски со нивните машки партнери и како тие се чувствуваат во врска со тие поделби.

Жените кои го извршувале поголемиот дел од домашните работи имале значително помала желба за секс со партнерот во споредба со жените во врски каде мажите повеќе биле вклучени во извршувањето на домашните работи. Со други зборови, жените многу повеќе сексуално ги возбудувале мажите кои готвеле, чистеле и се грижеле за децата.

Но, најинтересниот дел од наодите била причината: не само женското либидо ослабело како одговор на извршувањето на многу домашни работи, и не било тоа само затоа што жените биле зафатени и исцрпени од сето тоа. Имено, истражувачите пронашле два специфични посреднички фактори кои точно објаснуваат зошто нееднаквата поделба на домашните работи имала толкаво влијание врз сексуалната желба на жените.

Прво, студијата открила дека жените кои преземаат поголем дел од домашните работи веројатно таа динамика ќе ја доживеат како неправедна, а тоа чувство на неправедност во врската бил дел од она што довело до помала желба за нивниот партнер.

Ова е важно, истакнуваат истражувачите во трудот, бидејќи го побива аргументот дека жените преземаат повеќе домашни работи затоа што тоа го сакаат или затоа што едноставно уживаат во грижата. Иако тоа може да биде точно за некои, оваа студија покажа дека жените во неурамнотежени партнерства всушност честопати се огорчени од таквата ситуацијата.

Второ, истражувачите откриле дека жените кои дома се соочуваат со нерамнотежа веројатно чувствувале дека нивниот партнер зависи од нив. Чувството дека вашиот маж се потпира на вас за да се грижите за него и да ги извршувате основните животни задачи наместо него, била уште една причина поврзана со намалената сексуална желба.

Како што истакнуваат Харис и тимот, перењето нечии алишта, готвењето за нив, средувањето по нив и планирањето на нивниот социјален календар се задачи што луѓето обично ги прават за децата. Значи, кога жената треба да ги извршува овие задачи за својот сопруг без вистински реципроцитет или признание, таквиот однос го отсликува односот на мајката и детето, што на жените, очекувано, не им е премногу сексуално возбудливо.

Иако ваквата динамика често се прифаќа како норма меѓу мажите и жените, особено на Балканот, таа, покажува оваа студија, доаѓа со еднакви последици за сексуалниот живот на парот. Многу е тешко сексуално да ве привлекува некој за кој чувствувате дека му е потребна мајчинска грижа.

Иако популарното мислење е дека жените се помалку заинтересирани за секс од мажите, реалноста е многу повеќе нијансирана. Како прво, ќе најдете различни нивоа на сексуална желба кај двата пола: некои жени сакаат многу секс, а некои мажи тоа можат или не мора да го прифатат.

Повеќето луѓе имаат либидо кое редовно варира во зависност од сите други работи што се случуваат во нивниот живот.

„Нашите наоди ја доведуваат во прашање претпоставката дека ниската сексуална желба кај жените е нужно лоцирана кај жените, во нивните тела или умови. Наместо тоа, наоѓаме поддршка за социо-структурно објаснување за барем некој значаен дел од интимната желба кај жените, со составот на хетеронормативноста што доведува до родови нееднаквости во домашните работи кои се поврзани со пониската желба“, тврдат истражувачите.

Во превод, можеби жените би биле повеќе заинтересирани за секс, доколку не беа толку често принудени на неправедна поделба на домашните работи и односите кои го убиваат либидото.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот