ОТА посредувала во активирање на 369 нови и во продолжување на 328 стари мерки за следење на комуникациите

Фото: Архива

За потребите на овластените органи во државата, Оперативно-техничката агенција (ОТА) технички посредувала 369 нови активирања на мерката следење на комуникациите и 328 продолжувања на мерката. Од наведените 369 нови активирања на мерката, 278 беа за потребите на МВР, а од од 328 продолжувања на мерката, 149 биле за потребите на МВР.

Овие бројки, меѓу другото, се наведени во извештајот за работењето на Агенција за 2022 година, кој е ставен на дневен ред на за денеска закажаната седница на Собранието.
Во извештајот стои и дека во текот на минатата година, согласно надлежноста за проверка на усогласеноста на техничките услови и за примена на мерките и стандардите при следењето на електронските комуникации, ОТА во континуитет спроведувала планиран, редовен и вонреден увид во работата на операторите во земјава. Па така, во текот на годината биле спроведени пет редовни стручни надзори кај телекомуникациските оператори Македонски Телеком, А1 Македонија, Неотел, Телекабел и МТел.

– Вршејќи директен увид во расположливата инфраструктура, исполнетоста на техничките услови и применетите мерки согласно предвиденото со закон и со подзаконските акти, доставени се побарувања до операторите за постапување и овозможување на технички услови што ги наметнува технолошкиот напредок во областа на телекомуникациите и референтните закони – се констатира во извештајот.

Во однос на трошоците, во извештајот се посочува дека, од вкупно одобрените 348.234.000 денари за Буџетот на ОТА за 2022 година, реализирани биле 87,98 отсто од средствата. Најголемиот дел од тоа, 73 проценти биле капитални расходи, 16 отсто биле потрошени за стоки, услуги, субвенции и трансфери и 11 отсто за плати и надоместоци.

Инаку, Оперативно-техничката агенција е основана на 19. април 2018 година, а започна со работа на први ноември истата година. Како главната цел на нејзиното формирање беше наведена потребата да се оневозможи каква било злоупотреба на мерката следење на електронските комуникации на граѓаните од страна на овластените органи за следење на комуникациите или операторите. Во нејзиниот домен на заштита се само електронските облици на комуникации помеѓу граѓаните.
OTA, како самостоен и независен државен орган, обезбедува техничка поврзаност помеѓу операторите и овластените органи за следење на комуникациите, во случаите кога со судска наредба е одобрено следење на комуникациите заради потребите на кривичните истраги или заради заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата.

Агенцијата не поседува техничка можност за пристап до содржината на следената комуникација, а техничката поврзаност помеѓу операторите и oвластените органи се обезбедува исклучиво и само врз основа на издадена судска наредба за следење на комуникациите.

Со ОТА моментално раководи Зоран Ангеловски, кој е избран од страна на Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници од заедниците. Неговиот мандат изнесува пет години, без право на повторен избор.
Надзор и контрола над работењето над ОТА се врши од страна на: Собранието, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Дирекцијата за заштита на лични податоци, Народниот правобранител, Советот за граѓанска контрола и од судовите и Јавното обвинителство.

Директорот на ОТА е должен да достави годишен извештај до Собранието, а тој задолжително треба да содржи податоци за: бројот на активирани комуникации за потребите на овластените органи; бројот на активирани комуникации за секој овластен орган одделно, освен за потребите на безбедноста и одбраната; состојбата и констатираните наоди при извршените стручни надзори од страна на ОТА над работата на операторите; бројот на спроведени дисциплински постапки за работници во ОТА; финансиското работење на ОТА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот