
Осврт кон книгата „Детството на Конески“ од Мишо Китаноски на Вера Стојчевска – Антиќ
Секоја појава на нова книга предизвикува интерес и љубопитност. Во мене предизвика посебна возбуда најновото издание на познатиот автор Мишо Китаноски со наслов „Детството на Конески“. Да појаснам: зошто самиот наслов ме заинтригира необично?
Препорачано
Повеќе години творештвото на Конески ме маѓепсуваше. Како ученичка во основно школо во Битола ме привлекоа, се вовлекоа во мојот развој песните на Блаже Конески. Секоја стихозбирка, речиси, ја учев наизуст, без никакво домашно или школско поттикнување. Потоа станав студент на Блаже Конески, кога го запознав како редок педагог. Бев избрана и за асистент при Филолошкиот факултет во Скопје, каде што се разви соработка со професорот. Го доживеав издавањето и на нашата заедничка книга „Тиквешкиот зборник“, кој предизвика голем интерес за содржината од 15 век.
По моите публикации и книги за безграничното и длабоко авторство на Конески и кога мислев дека долгорочно ги опфатив важните настани, дојдов до уверување дека работата мора да продолжи зашто нема крај за потребата и на натамошните анализи.
Посебно размислував за освртот на младешките денови на Конески, изминати седум години во родното село Небрегово. Започнав со размислата за обземеноста на малиот Конески од играорците во селото, особено на орото „Тешкото“.
Деталните набљудувања и слики што ги восприемало малото дете беа објавени на негова полнолетна возраст, во истоимената песна што го преплави светот. Посебно ме израдува појавата на новата книга на Мишо Китаноски, која го привлекува вниманието на читателите. Таа е поделена во три дела: период изминат од една до седумгодишна возраст во селото; преселба и новости за детето во Прилеп; школување во Крагуевац со многубројни контроверзни толкувања. Човекот што го предизвика третиот чин е еминентниот македонски писател Стале Попов, кој во Прилеп му откри на таткото на Блаже можност за школување во Крагуевац, особено како одличен ученик (заедно со Лазар Мојсов).
Овде го апострофирам посебно чувството на Конески кога се одделува од фамилијата. Во 1935 година, заминува за Крагуевац и од сликата од возот кој татни кон Крагуевац, се раѓа песната „Во возот“, во која се простува од баба Ѕака, баба Дунавка, сестрите Милица и Нада, стрината Вета: „Еве го крајот во возбуда сина, / Таму детството мое ми мина, / Плачат оние планини за мене! / Под нив на падината се поѕира село, / Зар некој не мавта со шамивче бело? / Плачат оние планини за мене! / Возот одминува сѐ што ќе сретне, / Си било онаму еднаш едно дете! / Често мислата назада се враќа, / Животот другден негде ме праќа. / Плачат оние планини за мене!“
Во мислите посакувам да се оформи книга за творештвото на Конески во поширока анализа, но без престижните обработки на песните кои доминираат и кај нас и во светот. И во помалку обработуваните песни се доловува денот што го обвива Конески, за ружата во градината, за средбите со блиските пријатели, особено со реминисценции од разговорите со нашиот колега и пријател Виктор Фридман.
Книгата на Китаноски ги проширува видиците за детството на Конески, како и со овој пример: „Никој не знае дека во октомври 1944 година Блаже Конески во директна борба во Прилеп со германскиот окупатор е ранет, за ова никогаш не зборуваше, а со такви пресвртни, клучни настани и состојби премногу е исполнет неговиот живот.“
Во продолжение авторот забележува: „Верувам дека ќе се најде разбирање да се сними и таков филм, зашто Блаже Конески беше една питома, милозлива, па дури и срамежлива личност.“ Како завршница би додала дека сакам да го помниме и претставуваме Блаже Конески како широка личност, со голем интерес кон сите нас, „како икона“.
Авторка на текстот: Вера Стојчевска – Антиќ
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 238, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.7.2024)