Марија Жоао / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Осврт кон 24. „Оф-фест“: Музички пораки што поттикнуваат емпатија

Девет возбудливи концерти и еден документарен филм во четири вечери од 5 до 8 јуни на три сцени, во Националната опера и балет и во МКЦ, претстави 24. издание на „Оф-фест“, со што беше испорачана стандардната доза „музика на светот“ за секогаш љубопитната публика во Скопје.

Најразноликиот, најколоритен и најраскошен музички фестивал кај нас веќе 24 години остава длабоки траги во сеќавањата на секогаш пребирливата, но и исклучително љубопитна публика. Концептот на диверзитет, но и на ексклузивност, слобода на израз и мисла, разнобојност и на стилот и на звукот, прават „Оф-фест“ да биде нашиот „прозорец кон светот“, можност да се откријат нови култури и да се спознаат врвни музички уметници.

Дополнително, годинава имавме можност да се увериме и во креативниот развој на дел од учесниците, кои по втор или третпат доаѓаат во Скопје, но со различен репертоар и со освежени идеи и концепти. Чувство што на неколку концерти се појави годинава на фестивалот беше емпатијата, која произлезе од изведувачите на сцената, а доби повратно ехо од публиката.

Драган и Ратко Даутовски / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Фестивалот беше отворен со долгогодишни познајници за публиката во Скопје. Дуото Драган и Ратко Даутовски по подолго време се појавуваат на фестивалска сцена. Виртуозот на народните дувачки и жичани инструменти Драган поддржан со необичните ритми на перкусионистот Ратко создадоа магична атмосфера.

Нивната авторска музика аранжирана врз фолклорни тематики носи чист и длабок музички израз. Речиси без зборови помина целиот концерт, бидејќи доволно говореше музиката. За крајот беше оставен писокот на гајдата, како потсетување дека од минатата година стана заштитено нематеријално културно добро од страна на УНЕСКО.

Канцоњере Греканико Салентино / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Првата вечер настапи и италијанскиот ансамбл „Канцоњере Греканико Салентино“, најдолговечниот и водечки фолк ансамбл во Италија, кој годинава со спектакуларна турнеја слави 50 години активно музицирање. На „Оф-фест“ настапија пред девет години, тогаш во салата во МКЦ. Сега, синовите ја наследиле традицијата од татковците и ја продолжуваат нивната мисија, но и мудроста што им била пренесена. Во една песна, која ја насловија „Меморија“, пеат дека не треба да се повторуваат грешките од минатото. Немаше грешка во нивниот настап, туку извонреден мелос пренесен преку музика и танц.

Ѕвездата на фестивалот несомнено беше грандиозната пејачка Марија Жоао. По Лисабон, на „Оф-фест“ се случи првата европска концертна премиера на нејзиниот нов проект „Абундансиа“. Во слободен превод името на албумот означува поширока смисла на изобилство. Во суштина, целиот албум е посветен на нејзиниот живот и на нејзиното двојно потекло со намера да ги поврзе Мапуто во Мозамбик и Лисабон во Португалија.

Марија Жоао / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Во текот на концертот раскажа многу приказни, во некои песни пееше и на португалски и на англиски јазик, а нејзиниот глас силно и емотивно одекнуваше кај публиката. Со пеење се занимава веќе 40 години и среќна ќе биде сѐ додека ја држи гласот.

Пред неа, втората вечер на „Оф-фест“ ја отвори револуционерот на хармониката – Кимо Похјонен од Финска. Неговиот претходен настап во Скопје беше пред 12 години и тогаш беше вистинско откритие со експерименталниот пристап во музицирањето на хармоника.

Кимо Похјонен / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Со текот на времето самиот одлучил дека сака да направи промена и својот нов стил го насловил „Зона 6“. Во своите композиции внесува повеќе вокални делници, изразот е постилизиран и посмирен, а во духовна смисла упатува пораки за мир насекаде каде што има војна.

Третата фестивалска вечер беше исполнета со африканска музика. Прв настапи гитаристот Вје Фарка Туре од Мали со својата група. Со двата објавени албуми во 2024 година ја понесе титулата Најдобар гитарист на Африка. Почетокот на концертот беше во знакот на брзи и едноставни африкански ритми, за подоцна да се појават и блуз-фрази во изразот на Вје Фарка Туре.

Вје Фарка Туре / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Африканската вечер ја надополни новата ѕвезда Флоренс Адони од Гана со нејзината многубројна група. На самиот почеток на настапот Флоренс ја истакна нивната цел на концертот, а тоа е целата публика да ја пренесат во Гана. Нивниот израз е дефиниран како „хајлајф музика“, а нивните песни носат лесен и популарен ритам. Фасцинираат со професионалниот пристап, дизајнираната костимографија и веселото расположение.

Флоренс Адони / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Четвртата вечер на годинашниот „Оф-фест“ беше најдолга. Почна со проекција на бразилскиот документарен филм „Саравах“. Филмот е снимен во 1969 година во Рио де Жанеиро, но во 2024 година беше ремастериран и технички дотеран, кога конечно ја доживеа својата европска премиера. Филмот дава визуелен приказ на музичкиот дух на еден период во историјата на Бразил.

Истата вечер во кино „Фросина“ во МКЦ со својот прекрасен глас се претстави Јулија Козакова од Словачка. Следена од гитара и контрабас, Козакова прво изненади со репертоарот со ромски песни, но во текот на концертот ја раскажа својата пасија. Имено, во своите тинејџерски години била „присвоена“ од еден ромски хор и така ја стекнала љубовта кон ромската традиционална музика, иако нема ромско, туку словачко потекло.

Јулија Козакова / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Во репертоарот има и авторски песни, а пее и на шпански и на португалски јазик. Една од пораките што ги испрати преку песна на шпански јазик е дека треба да го пронајдеме најдоброто во себе за да можеме и светот да го направиме поубав и подобар.

Луфтанза / Фотографија: Оф-фест / Татјана Ранташа

Финалето на фестивалот беше отстапено на два извонредни гитарски бендови, Унгарците „Мордаи“ и нашите „Луфтанза“. Млади, енергични и жестоки, „Мордаи“ своите песни ги пеат на унгарски јазик, како што „Луфтанза“ своите бучни, сентиментални и емотивни песни ги пеат на македонски јазик. Во текот на последната до израз дојде емпатијата, кај Јулија кон ромската популација, кај „Мордаи“ кон публиката, а кај „Луфтанза“ кон тие што повеќе не се меѓу нас. Последната порака што беше упатена на 24. „Оф-фест“ гласи: „Тешко сфаќаме, брзо забораваме!“ и беше упатена кон сите нас.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 285, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 14-15.6.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!