
Освои Лига на шампиони со Роналдо, сега му се заканува казна затвор
Поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Андерсон (37), би можел наскоро да заврши зад решетки – не поради спорт, туку поради неплатена алиментација!
Препорачано
Семејниот суд во неговиот роден град Порто Алегре, Бразил, на 3 септември донесе одлука дека Андерсон мора да плати околу еден милион бразилски реали (околу 160.000 евра) заостанати обврски кон своите деца. Во спротивно, го чека 30-дневна затворска казна во строг режим.
Иако пресудата е донесена претходно, информацијата дури сега излезе во јавност. Локалните медиуми пишуваат дека постои можност поранешниот ас да биде преместен во „поблаг режим“ со дневни излегувања за студии или општествено корисна работа – но само ако нема место во затвор.
Неговиот адвокат потврди дека случајот се однесува на малолетници, но одби да открие детали поради судскиот налог за тајност.
Андерсон Луис де Абреу Оливеира, важеше за еден од најталентираните играчи од својата генерација. Во Јунајтед пристигна од Порто во 2007 година и со клубот освои четири титули во Премиер лигата и Лигата на шампионите во 2008. За Бразил одигра осум натпревари, а беше дел и од репрезентацијата што ја освои Копа Америка 2007 и бронзата на Олимпијадата во Пекинг 2008.
Инаку, Андерсон и порано беше во центар на скандали – во 2019 година во Бразил беше осомничен за перење на пет милиони евра преку криптовалути, иако не е познато дали истрагата сè уште трае.
Интересно е што уште во 2015 година тврдеше дека има четири деца, а на почетокот на 2024 бројот се зголеми на девет. Во едно интервју се присети и на времето во Јунајтед, откривајќи дека речиси една година живеел со Нани во куќата на Кристијано Роналдо:
„Му сум благодарен. Роналдо нè посвои. Не трошевме ништо, нè возеше на тренинзи, имавме готвач, базен, џакузи, тениско игралиште…“, изјави тогаш Андерсон.