Осум деца во Македонија по контакт со ковид-19, добиле сериозно воспаление на виталните органи

Осум деца кои биле во контакт со заразен со ковид -19 или и самите биле позитивни во Македонија, по неколку недели од инфекцијата развиле повеќеоргански инфламаторен синдром, состојба која што ги напаѓа срцето, бубрезите, црниот дроб, ја згрутчува крвта, предизвикува опструкции на белите дробови.

Оваа информација ја потврдува шефот на одделот за педијатрија во приватната болница Систина, доктор Душко Фидановски.

Неколку недели по инфекцијата, која кај поголемиот дел деца била без никакви или многу благи симптоми карактеристични за децата, состојбата сериозно кај нив почнала да се менува. Почнале да развиваат висока температура над 40 степени која не успевала да се симне со ниту еден лек, им се појавиле осипи по кожата на лицето, рацете, устата и телото, зацрвенети очи, тахикардија, бледа кожа, стегање во градите, болки, гадење, повраќање и дијареа, проблеми со бубрезите, отоци и згрутчување на крвта. Понекогаш, има и случаи на засегање на централниот нервен систем, односно болки во главата и пореметување на свеста.

Според доктор Фидановски, кај осум деца до сега од почетокот на пандемијата во оваа болница бил констатиран повеќеоргански инфламаторен синдром, а четири од овие случаи биле пријавени последните десет дена.

Директорката на Клиниката за детски болести, доктор Аспазија Софијанова, уште пред неколку месеци предупреди дека постои состојба што ја развиваат дел од децата на возраст од 7 до 8 години, која што е слична, но не иста на Кавасаки синдромот, а кој што сега се нарекува повеќеоргански инфламаторен синдром.

Во јуни годинава во повеќе реномирани медицински списанија научниците предупредуваа дека кај дел од децата во САД забележале сериозни последици од коронавирусот со кои биле зафатени витални органи и функции во телото.

-Повеќеорганскиот инфламаторен синдром е опишан во литературата, но далеку од тоа дека сите деца го развиваат. Нема простор за паника, тој претставува голема реткост, не е тренд. Мал дел од децата на светско ниво изреагирале така кога дошле во контакт со коронавирусот. Кај нас имавме неколку случаи, но далеку од тоа дека завршија на машина или со страшни симптоми. Генерално станува збор за дечиња на возраст од 7 до 8 години а некогаш знае да се развие и кај помали. Синдромот сличен на кавасаки, значи засегање на ситните крвни садови кои прават реакција на вирусот. Значи создавањето на антителата прави бура од реакции. Тие антитела потоа се закачуваат на ситните крвни садови и ги оштетуваат како последица на излачувањето на токсините од вирусот. Организмот не може веднаш да го истера вирусот од себе. Кај нас на Клиниката имавме неколку случаи. Симптомите кај еден од пациентите беа нетипични промени на кожата како алергиски реакции, отоци на нозете. Тоа го решивме со крвна плазма. Второто дете имаше намален број на тромбоцити. Реагирано е на време и е стабилизирано со антибиотици за имунокомплексите што се создаваат во организмот. Третото дете разви клиничка слика слична на слепо црево. Било отворено и откако е констатирано дека не е слепо црево, се развија отоци на долните екстремитети. Четвртото дете имаше синдром со кое што е родено и секоја година на секоја инфекција има многу бурна реакција. Немаше ниедно дете на машина или на интензивна нега и исто така карактеристично е што за овие пациенти немавме потврден позитивен тест на коронавирусот, туку нивните родители или членови на семејството беа позитивни. Симптомите кај децата се појавија три недели по контакт со некој што е позитивен. Но, се опоравуваат. Смрт во вакви случаи многу ретко настапува на светско ниво, изјави за Слободен печат доктор Софијанова.

Доктор Фидановски од Систина пак, посочува дека болничкото лекување за деца со повеќеоргански инфламаторен синдром е задолжително, а особено е важно родителите навремено и рано да ги забележат симтомите. Првиот и најважен е симптомот на покачена телесна температура која не се симнува со медикаменти и трае подолго од 24 часа.

– Апелирам до родителите да внимаваат ако деца кои имаат висока температура, пропратена со некои од овие симптоми кои ги набројав задолжително да се обратат на лекар за да се констатира дали можеби се работи за оваа нова постковидна состојба, бидејќи многу е битно навремено да се хоспитализира детето и да се започне што побрзо со лекувањето. Состојбата може да биде многу сериозна посебно ако го зафати срцето. Децата кои имаат изразена срцева слабост практично имаат хипотензија, одноно низок притисок, па дел од нив мора да бидат третирани на оделението за интензивна нега. Едно од овие осум дечиња, беше навистина во многу тешка состојба со изразена срцева инсуфициенција и со засгање на белите дробови и на бубрезите и со коагулација на крвта. Таквите деца имаат потреба од престој на интензивна нега, па дури знаат да завршат и на механичка вентилација што значи дека им е потребна респираторна поддршка. Лекувањето, односно хоспитализацијата трае најчесто една недела, појаснува педијатрот Фидановски за Фактор.

Тој додава дека и најтешките случаи ако навремено се лекуваат имаат добар исход. За на детето да му биде констатиран мултиоргански инфламаторен синдром мора да има промени во крвната слика, намален број на лимфоцити, тромбоцити, хемоглобин, односно стануваат анемични. Се појавуваат и промени во коагулацијата на крвта која се згрутчува и задолжително резултатите од крвната слика покажуваат покачен број на ИГГ антитела, дефинитивен показател дека детето било во контакт со коронавирусот пред неколку недели, иако моменталниот ПЦР тест им е негативен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот