
Oстровска држава со 600.000 жители е на чекор да дебитира на Светско првенство
Во претпоследното, деветто коло од групата „Д“ во африканските квалификации за пласман на Светското првенство 2026, продолжи големата трка меѓу Зеленортските Острови и Камерун за првото место кое води директно на Мундијалот во САД, Канада и Мексико.
Препорачано
Зеленортските Острови одиграа реми 3-3 против Либија на гостински терен во Триполи, додека Камерун славеше со 2:0 на гости кај Маурициус. И покрај тоа што не успеаја да дојдат до победа, Зеленортските Острови останаа на врвот на табелата, со два бода предност пред Камерун, едно коло пред крајот.
Во последното, десетто коло, Зеленортските Острови ќе имаат „на хартија“ полесна задача и ќе се сретнат со последнопласираната селекција во групата, Камерун, пак, ќе ја пречека четвртопласираната Ангола, во меч кој може да биде клучен за патникот на Мундијалот.
За потсетување, Зеленортските Острови никогаш досега не играле на Светско првенство, а според најновата ФИФА ранг-листа се наоѓаат на 70. позиција.
Според проценките на „Трансфермаркт“, вредноста на репрезентацијата изнесува околу 29 милиони евра, а највредни играчи се Кевин Ленини (28) од Краснодар, и десниот бек на Трабзонспор, Вагнер Пина (22), кои се проценети на по пет милиони евра.
Преземено од: Спорт.ком.мк