
Остатоци од руски дрон пронајдени уште во една земја членка на НАТО
Фрагмент од руски дрон „Гербер“ е пронајден на плажа во Латвија, додека делови од ракета, веројатно употребена за соборување на еден од овие авиони, се откриени во Полска, објавија локалните власти вчера и денес, пишува „Киев Индепендент“.
Препорачано
Наодите доаѓаат нешто повеќе од една недела откако Русија го изврши најголемото кршење на воздушниот простор на НАТО од почетокот на инвазијата на Украина во 2022 година, кога најмалку 21 дрон влегоа на полска територија за време на масовниот напад врз Украина.
Остатокот од дронот во Латвија
Задниот дел од дронот „Гербер“ е пронајден во близина на летонското село Варве, во западниот округ Вентспилс. Латвискиот министер за одбрана Андрис Спрудс потврди дека, според проценката на армијата, остатоците не содржат експлозиви. За потсетување, како што наведува медиумот, Латвија е членка на НАТО.
Дроновите од типот „Гербер“ се дизајнирани како мамки за совладување на украинската воздушна одбрана. Тие се направени од стиропор и иверка, тежат помалку од 20 килограми и имаат дострел до 600 километри. Се верува дека токму ваквите дронови го нарушиле полскиот воздушен простор на 10 септември.
Латвиската премиерка Евика Силина побара од министрите за одбрана и за внатрешни работи да се поврзат со своите полски колеги за да утврдат дали пронајдениот дрон е еден од оние забележани над Полска минатата недела.
„Наш приоритет е зајакнување на источната граница, но јасно е дека заштитата на брегот на Балтичкото Море со инсталирање на потребните сензори е подеднакво важна“, напиша Силина на социјалната мрежа X.