Османи: Јас одлучив за коспонзорството на резолуцијата за Сребреница во ОН, а не Владата

Министерот Бујар Османи на панел-дискусија за Сребреница/ Фото: МНР

Осудувањето на геноцидот ги надминува дипломатските врски и односи помеѓу две држави и народи, човечка должност ни е да осудиме, да ги промовираме фактите, со цел тоа никогаш да не се повтори, рече министерот за надворешни работи Бујар Османи на отворената дискусија за коспонзорството на Македонија на резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница која се очекува да се усвои денеска на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

– Осуда на геноцид е универзална човекова должност и тоа не е поврзано со која било припадност. Во 2010 година нашето Собрание има донесено одлука за Сребреница кога ја прифати Резолуцијата на Европскиот парламент. Како држава никогаш не сме имале дилема за тоа што се случило во Сребреница, кога во еден ден се убиени 8.372 цивили и тоа не може да се нарече поинаку. Најголемите критики во текот на вчерашниот ден беа дека ова е обид на министерот за надворешни работи да нè скара со пријателска Србија. Напротив, оваа не е поврзано со Србија, не е поврзано со српскиот народ, бидејќи осудувањето на геноцидот ги надминува било каквите дипломатски врски и односи помеѓу двете држави и народи – рече Османи на панел-дискусијата.

На панелот со видео-обраќање учествуваше и министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, кој упати благодарност до Македонија за коспонзорирањето на резолуцијата на ОН. Тој е убеден дека прогласувањето на 11 јули за меморијален ден за жртвите на геноцидот во Сребреница значително ќе придонесе за мирот и безбедноста на регионот и ќе ја зајакне вербата во институциите на ОН.

– Дозволете ми да ве потсетам на геноцидот извршен во јули 1995 година во заштитената безбедна зона на Обединетите нации, Сребреница. Брутално беа убиени повеќе од 8.000 момчиња и мажи, 1.000 беа насилно раселени, цели семејства беа уништени, а нивните домови беа опустошени. Бројни сторители беа изведени пред правдата, а најстрашното злосторство, систематското убивање на бошњачкото население во заштитената зона на Сребреница беше законски признато како геноцид од страна на Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија. И никогаш не смее да биде предмет на различни толкувања. Ова го препознаа одговорните луѓе кои спроведуваат одговорни политики во Северна Македонија – истакна Конаковиќ.

Министерот Османи на дискусија за Резолуцијата за Сребреница во ОН, организирана од Бошњачкиот демократски сојуз/ Фото: МНР

По дискусијата во изјави за медиумите Османи повтори дека бил многу изненаден од реакциите во јавноста, особено делот дека коспонзорството ќе влијае на односите со Србија.

– Овие реакции и интерпретации се жални. Нема граѓанин кој нема да го осуди убиството во еден ден на над 8.000 цивили, деца и возрасни, кои едноставно, биле истребени иако биле во зона која со одлука на Советот за безбедност на ОН беше прогласена за безбедна зона. Република Северна Македонија разви функционална мултиетничка демократија и стана пример за почитување на можноста сите етнички заедници да ги манифестираат своите идентитетски и културни особености и сите да се почитуваат и особено од нас се очекува да го осудиме секој говор на омраза и убиство засновано на омраза. Очекувано е Република Северна Македонија да биде коспонзор како еден од најголемите промотори на мултиетничноста и на различноста како додадена вредност – рече Османи.

Тој рече дека фактите за геноцидите треба да се изучуваат во образовниот систем со цел никогаш да не се повторат слични злосторства. Потсети на познатите примери на државни извинувања направени од Велика Британија, од Канада, Австралија, и особено на Германија која со разни чествувања го одбележува Холокаустот како единствен начин никогаш да не се заборави и да се спречи повторување.

– Геноцидот не е само актот на истребување. Почнува со говор на омраза, а завршува со негирање. Ние не треба да бидеме во ниедна фаза на такво злосторство. Сакав до мене денеска да се тука и министрите за надворешни работи на Србија и на Босна и Херцеговина и сите заедно да се помириме. Има две опции – или војување или помирување. Војните на Балканот завршија, единствена алтернатива ни е да се извиниме за докажаните дела спротивни на хуманитарното право, за да се помириме и да продолжиме понатаму, како во ЕУ. Меѓу Германија и Франција над 100.000 деца се убиени само во регионот Алзас-Лорен, но Франција и Германија денеска се најголеми пријатели, бидејќи се залечени раните со јасно зборување за тоа што се случило – истакна Османи.

На новинарско прашање дали Владата одлучила Македонија да е коспонзор на резолуцијата за Сребреница, Османи одговори дека одлуката ја донел сам.

– Јас ги носам тие одлуки како министер и сум дал инструкција на нашиот амбасадор во ОН да биде коспонзор и да ја поддржи резолуцијата. На дневна основа поддржувам резолуции, отфрлам резолуции, гласам за држави кои се кандидираат за одредени позиции. Тие одлуки ги носи министерот самостојно како спроведувач на надворешната политика – рече Османи.

Тој повтори дека реакциите на темата геноцид во Сребреница влегуваат во делото негирање, а тоа е строго забрането.

– Дел од панелистите рекоа дека обраќањето на претседателот на српската партија овде се коси со законите и побараа судска постапка. Јас нема да коментирам, во избори сме и тоа може да се интерпретира поинаку, но, се разбира дека по допрен глас може да реагираат институциите. Имавме средба вчера и со амбасадорката на Србија и рековме дека ова не е однос кон Србија и народот, туку кон едно злосторство кое е направено и за кое меѓународни судовите констатирале дека е геноцид, а негирањето и глорифицирањето на сторителите е продолжување на геноцидот во друга форма. Најдобро за Србија е да ја залечи оваа рана како што ја направија и други држави со пресуди за злосторства против човештвото – рече Османи по панел-дискусијата посветена на резолуцијата за Сребреница што денеска треба да биде усвоена во ОН.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот