
Орце Ѓорѓиевски сака да гради модерна поликлиника во Кисела Вода
Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска најави изградба на нова поликлиника во населбата Расадник, општина Кисела Вода, проект што долго време беше меѓу најголемите приоритети на жителите.
Препорачано
Новата здравствена установа ќе се простира на 1.780 квадратни метри, со подрум, приземје и кат, и ќе обезбеди полесен и побрз пристап до здравствени услуги. На приземјето ќе се сместат лабораторија, стоматолошка ординација, детски оддел, итна и дежурна служба, ортопедија и матични лекари, додека на катот ќе бидат интерна медицина, кожно, гинекологија и ординација за уво, нос и грло, заедно со административни простории.
„Жителите на Кисела Вода со години се соочуваа со недостиг од ваква здравствена установа и беа принудени да патуваат до други делови на градот за лекарски услуги. Денес изградбата на поликлиниката станува реалност“, изјави Ѓорѓиевски.
Проектот ќе се реализира со средства од унгарски кредит, обезбедени преку Владата на Република Македонија.
Ѓорѓиевски посочи дека ова е еден од над дваесет капитални проекти во општина Кисела Вода кои или се реализираат или наскоро ќе започнат.
„Изградбата на поликлиниката ќе значи значително унапредување на здравствената заштита и подобрување на квалитетот на животот. Жителите ќе имаат брз и лесен пристап до лекари и специјалистички услуги, без потреба да патуваат, а истовремено ќе се растовари оптовареноста на постојните здравствени установи во Скопје“, изјави Ѓорѓиевски.