Општините и Градот со апел: Времето за прошетка да не се користи за уништување на урбаната опрема

Искршени клупи, оштетени канти за отпадоци, запалени контејнери, откорнати цвеќиња, оштетени реквизити на детските игралишта, уништени видиковци, исчкртани информативни табли. Ова е сликата која може да се забележи насекаде низ Скопје. Несовесните граѓани дури и во услови на пандемија и препораки од страна на надлежните за седење дома, успеваат она малку време кое го поминуваат на некоја од јавните површини низ градот да го искористат за да оштетат дел од урбаната опрема.

Поради несоодветниот однос на дел од локалното население, општините и Градот Скопје, одново издвојуваат средства за веќе постоечки реквизити или пак за веќе засадено зеленило, за обнова или пак за набавка на нови клупи, канти за отпадоци и контејнери.

– Навистина не е во ред кога нешто веќе е направено, да се уништува од страна на одредени поединци. Ние кои живееме на улицата Ѓорѓи Капчев во Општина Аеродром имаме само едно детско игралиште кое важи за главно сврталиште на сите деца, кои верувајте, не се во мал број. Разочарана сум што некој се дрзнал и таму да ги оштетува реквизитите и на тој начин да им го одземе единственото место за игра и забава на децата – раскажува револтирана жителка од Лисиче.

И од општините и од Град Скопје велат дека оштетувањето на урбаната опрема и уништувањето на зеленилото воопшто не стагнира. Според нив, ваквите постапки на дел од граѓаните, нанесуваат голема финансиска штета што дополнително треба да се надоместува, иако веќе биле потрошени пари од буџетите за набавка и поставување на опремата.

– Градот Скопје и јавните претпријатија во континуитет се соочуваат со проблеми и вандалско однесување во однос на оштетувањето на урбаната и друг вид на опрема. Секој месец на терен евидентираме голем број штети, во вид на запалени контејнери, оштетени садови за одлагање на отпад, искршена урбана општена (клупи, инсталации и сл.), инсталации за наводнување, сообраќајни знаци и друго – информираат од Град Скопје.

Градските власти велат дека најмногу оштетувања на урбаната опрема има  во Градски парк, Водно и парк-шумата Гази Баба.

Од Градот посочуваат дека за одредени лица да бидат санкционурани поради уништување на јавното добро треба да бидат фатени на лице место, но како што велат од Град Скопје, на терен такво нешто многу ретко се случува.

– Во секој случај, нашата администрација и администрацијата на јавните претпријатија ги евидентираат оштетувањата и ги пријавуваат до сите институции. Конкретни збирна статистика за оштетените добра и за сумата немаме во моментов, бидејќи оштетената опрема е во надлежност на сите јавни градски претпријатија – потенцираат од Град Скопје.

Состојбата со уништувањето на урбаната опрема и зелените површини не е подобра ниту во дел од скопските оптшини. Од Општина Кисела Вода велат дека несовесните граѓани кои што живеат во овој дел од градот, не бираат одредени локации на кои прават оштетување на урбаната опрема.  Според нивните пресметки, финансиската штета која ја трпи општината поради ваквиот однос на дел од граѓаните на годишно ниво е некаде над 2,5 милиони денари.

И од Општина Карпош информираат дека многу често свесно се уништува урбаната опрема на територија на Карпош.

– Станува збор за клупи, корпи за отпадоци, како и реквизити на детски игралишта. Најчесто, правиме записник за сторена штета и пријавуваме до Полициска станица – Карпош. Сторителите на кривични дела, прекршоци ги гони полицијата – ја објаснуваат постапката од оваа скопска општина.

Според нив, урбаната опрема почесто се уништува на детските игралишта, особено инклузивното игралиште во Влае 2 (до плоштадот „Делфина“), корпите во маалскиот парк на улицата Иван Аговски во Карпош 1 и реквизите на детските игралишта во Карпош 4.

За разлика од останатите скопски општини, од Општина Ѓорче Петров информираат дека на нивна територија не е забележано, како што велат, значително уништување на веќе поставената урбана опрема.

– Граѓаните генерално се совесни по ова прашање, особено онаму каде се поставува нова опрема – велат од Ѓорче Петров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот