
Општина Аеродром: Ниту едно здраво дрво на улицата Васко Карангелески нема да биде исечено
Со градежните активности на улицата Васко Карангелески која е под целосна надлежност на Град Скопје, останува исполнето ветувањето, дека ниту едно дрво нема да биде исечено, тврдат од Општина Аеродром.
Препорачано
Согласно комуникацијата која Општина Аеродром ја имаше со ЈП ,,Паркови и зеленило” како претпријатие на Град Скопје надлежно за зеленилото на оваа улица, ниту едно здраво дрво покрај улицата Васко Карангелески нема да биде исечено, туку напротив, неколку здрави дрвја ќе бидат дислоцирани и пресадени во зелениот појас на само неколку метри од локацијата. Потсетуваме дека согласно со првичниот проект на Петре Шилегов и Златко Марин, на оваа улица беше предвидена брутална касапница на зеленилото и сечење на над 100 здрави дрвја. Со наша брза интервенција и консултација со сите стручни лица и експерти, се изборивме улицата да биде проширена и реконструирана без притоа да биде исечено ниту едно дрво – информираат од Аеродром.
Оттаму додаваат дека како Општина остануваат посветени на зачувување на постојното зеленило и дека работат на обезбедување дополнителни илјадници квадратни метри зелени површини.
Реакцијата од Општината следеше откако Виктор Ѓошев од СДСМ, денеска изјави дека иако Тимчо Муцунски и Данела Арсовска ветуваа зголемување на зеленилото во Аеродром и Скопје, делата покажуваат сосема спротивна состојба на терен и дека на улицата Васко Карангелески повторно се сечат високостеблести зелени дрвја.