Антонио Милошоски/ Фото: Архива на Слободен печат

Опозицијата во писмо до ЕУ обвинува: Власта користи европско знаме за да скрие висока корупција за коридорите

Опозициски пратеници, членови на собраниската Комисија за надворешни работи денеска во писмо до Европската комисија и Европскиот парламент ја обвинија власта дека го злоупотребува европското знаменце за законите за коридорите со цел да ја скрие високата корупција.

Писмото потпишано од 27 пратеници е испратено до претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен, до еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, до претседателот на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламен Дејвид Мекалистер, европратеникот и извесувач за Македонија Илхан Ќучук, како и до евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.

– Со овој допис го известуваме Европскиот парламент дека Владата го злоупотребува европското знаменце за да ја сокрие високата корупција во тајниот договор за прескапите коридори на Артан и Ковачевски. Со ваквата злоупотреба на ЕУ знамето се прави штета на буџетот, се руши довербата на граѓаните во државата, а истовремено се девалвира и угледот на Европската Унија во македонското општество, изјави пратеникот Антонио Милошоски.

Како што стои во дописот до европските институции, договорот со „Бехтел и Енка“ нема ништо заедничко со ЕУ законодавството, туку целта е само да се скрати парламентарната дебата.

„Ова однесување значи непочитување на мандатот на пратениците, како и дерогирање на репутацијата на ЕУ во земјава“, сзе додава во писмото.

Милошоски во изјавата рече уште дека особено загрижува „што Договорот за коридорите на Артан и Ковачевски е спротивен на обврските што Македонија ги презела кон ЕУ со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, (глава 6) : транспарентност на јавните договори, еднаквост на пазарот и забрана за државна помош на повластени претпријатија“.

Претходно и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Велес најави дека ќе праќаат писмо до европските институции за да ги предупредат дека во државава како земја кандидат на отворена сцена се кршат европските вредности.

Тој кажа дека чека реакција од страна на канцеларијата на Европската комисија во државава и очекува реакција на амбасадорите кои што се земји членки на ЕУ.

-До овој момент нема никаква реакција. Очигледно дека тие се злоупотребени во овој процес или јас барем така сакам да верувам. Но, доколку остане тишина, односно доколку остане без реакција, тогаш основано можеме да се сомневаме дека станува збор за нешто друго. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија силно ќе се спротивстави, иако процесот на носење на овие закони онаков каков што е замислен во рамките на Парламентот е на брза трака, бидејќи токму таа е и намерата на злоупотребата на ова европско знаменце, но ние нашите аргументи ќе ги кажеме таму за да може јавноста да ги слушне и силно ќе се бориме тие аргументи практично да преовладаат за време на таа дебата, рече Мицкоски во изјава за медиумите.

Исто така, тој порача дека вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ треба веднаш да си поднесе оставка и да замине, „откако јавно призна дека поддржува кршење на процедурите и на законите“.

– Тој не е достоен за таа позиција која што ја обавува во овој момент и за парите кои што ги троши на граѓаните, односно даночните обврзници во Македонија, додаде Мицкоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот