Опозицијата не попушта, власта преку групирање на амандманите бара начин да не се блокираат законите за коридорите

Фото: МИА

Владејачките партии се пишманија и по координацијата во Собранието го откажаа продолжението на Комисијата за труд и социјала на која требаше да почне амандманската расправа за измени на Законот за работни односи со кои за експресна изградба на коридорите 8 и 10 д од конзорциумот „Бехтел и Енка“ работната недела треба да се зголеми од 40 на 60 часа. Првично седницата на Комисијата беше закажана за 13 часот, но по координацијата на владејачките партии таа е откажана.

Против измените на Законот се опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица кои против ваквото законско решение доставија 1.111 амандмани. ВМРО-ДПМНЕ доставила 3 амандмани, додека другите се од Левица.

Како што дознаваме, мнозинството бара начин да ја избегне амандманската блокадата од опозициските пратеници. Според информации од мнозинството, најверојатно ќе се оди на групирање на амандманите, односно 1.111 амандмани власта ќе ги сведе на пет до шест амандмани со надеж измените на Законот за работни односи да добие зелено светло од матичната Комисија за труд и социјала, по што законските измени одат на пленарна седница.

Пратеникот на Левица Борислав Крмов за „Слободен печат“ вели дека сметале на варијантата дека власта ќе оди на групирање на амандманите.

„И да ги групираат амандманите можно е да ја блокираме работата на Комисијата за труд и социјала против измените на Законот за работни односи.  Во случај мнозинството да ги групира амандманите на неколку, ќе го примениме традиционалниот филибастеринг, односно долго зборување за секој од амандманите“, ни изјави Крмов.

Со законските измени се предлага прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот. Со овие законски измени се очекува дека ќе се надмине состојбата на продолжување на роковите за прашања кои се од национален и стратешки интерес.

Предложениот закон предвидува измена со која се овозможува уредување на местото и начинот на исплата на платата на работници на проекти од национален и стратешки интерес. Дополнително се воведува можноста за работа во недела како и прекувремена работа подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

Министерот за финансии во согласност со министерот за труд и социјална политика по усвојувањето на законските измени ќе треба да донесе подзаконски прописи за регулирање на местото и начинот на исплата на платата на работниците на проекти од национален и стратешки интерес.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот