
Оперскиот бисер „Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи ќе има изведба на сцената на Националната опера и балет
Tрагичната приказна за љубовниот триаголник, за традицијата која се испречува помеѓу страста и љубовта, омразата и одмаздата, прикажани во операта „Кавалерија рустикана“, на сцената на Националната опера и балет (НОБ) ќе се изведе на 31 јануари, со почеток во 20 часот. „Кавалерија рустикана“ е едно од најуспешните дела од италијанскиот композитор Пјетро Маскањи, чиј успех не успеал да го повтори во останатите опери кои ги создал по неа.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
На сцената на НОБ операта ќе се изведе под диригентската палка на Иван Еминовиќ, а во режија на Џандоменико Вакари од Италија, сценограф е Зоран Николовски, костимограф е Елена Дончева, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Настапуваат: Весна Ѓиновска Илкова во улога на Сантуца, Зоран Сотиров како Туриду, Марјан Јованоски како Алфио, Марија Наумовска во улогата на Лола, Марика Поповиќ како Мајка Лучија во придружба на хорот и оркестарот од Националната опера и балет.
„Кавалерија рустикана“ е оперски бисер натопен во страст и со одмазда како главен движечки мотив и еден од најомилените и најизведуваните оперски наслови до ден-денес на светските оперски сцени, посочуваат од Националната опера и балет.