
ОН изгласаа поддршка за палестинска држава, но без Хамас
Резолуцијата на Генералното собрание на ОН ја истакнува изолацијата на Израел и на САД во спротивставувањето на трајно решение за војната во Газа, додека, пак, земји како Германија – досега силен поддржувач на Израел – сè повеќе ја поддржуваат идејата Палестинската управа да управува и со Западниот Брег и со Газа.
Генералното собрание на ОН изгласа поддршка за влада на Палестина без Хамас, во рамки на внимателно скроен компромис со кој арапските држави одат чекор подалеку во осудата на нападот од 7 октомври 2023 врз Израел, во замена за јасна поддршка за палестинска држава, објави Гардијан.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Целта е да се покаже дека Израел и САД се изолирани во спротивставувањето на долгорочно решение за војната во Газа и дека земји како Германија – досега силен поддржувач на Израел – застануваат зад решение според кое Палестинската управа би управувала и со Западниот Брег и со Газа.
На гласањето во петокот (142 „за“, 10 „против“ и 12 воздржани), беше поддржана т.н. Њујоршка декларација – документ што повикува на решение со две држави, подготвен од Франција и Саудиска Арабија во јули.
Декларацијата содржи една од најострите осуди на Хамас кои досега ги поддржала ОН.
„Ги осудуваме нападите извршени на 7 октомври од Хамас врз цивили. Хамас мора да ги ослободи сите заложници што ги држи во Газа“, се наведува во текстот.
Израел, САД, Унгарија и Аргентина гласаа против поддршката
Против гласаа Израел, САД, Унгарија и Аргентина.
Овој потег се гледа како подготовка за еднодневната конференција на ОН за решение со две држави, што треба да се одржи во Њујорк непосредно пред почетокот на „високото ниво“ на Генералното собрание. На конференцијата повеќе држави, меѓу кои Франција, Велика Британија, Канада и Австралија, ќе ја признаат државата Палестина.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четвртокот изјави дека Израел никогаш нема да прифати палестинска држава. Веќе три четвртини од 193 земји-членки на ОН ја признаваат државата Палестина, прогласена во 1988 година.
Германија и Италија остануваат двете големи европски земји кои се противат на признавање на Палестина, иако италијанската коалициска влада е сè повеќе поделена околу ова прашање. Пет европски земји веќе воведоа забрана за увоз на производи од нелегалните израелски населби.
Декларацијата предвидува дека „во контекст на завршување на војната во Газа, Хамас мора да престане да ја контролира Газа и да го предаде оружјето на Палестинската управа, со поддршка и со соработка од меѓународната заедница, во согласност со целта за создавање суверена и независна држава Палестина“.
Исто така, се споменува можност за распоредување „привремена меѓународна стабилизациска мисија“ под мандат на Советот за безбедност на ОН, со задача да го заштити населението, да помогне во зајакнување на институциите на палестинската држава и да обезбеди „безбедносни гаранции за Палестина и за Израел“.
Хамас не се предава додека не се воспостави суверена Палестина
Хамас, пак, порача дека нема да се согласи на разоружување сè додека не биде воспоставена суверена палестинска држава.
Израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, изјави во петокот дека резолуцијата не претставува сериозен обид за мир.
„Ова не е дипломатија, ова е театар – внимателно режирано шоу за насловни страници, а не за мир“, рече тој.
Советот за безбедност на ОН во четвртокот ги осуди воздушните напади врз лидерите на Хамас во Катар, без експлицитно да го спомене Израел.
Премиерот на Катар, шеик Мохамед бин Абдурахман Ал Тани, в петок ќе се сретне со Доналд Трамп, за да дознае што точно знаеле САД за нападот врз Хамас во Доха и дали американските борбени авиони на големата база во Катар можеле да реагираат за да ги пресретнат израелските авиони.
Катар ќе бара гаранции дека преговарачите на Хамас ќе бидат безбедни
Катарските дипломати најверојатно ќе бараат гаранции дека преговарачите на Хамас нема повторно да бидат цел на напади, ниту во Катар ниту во Турција или во Египет. Трамп изјави дека не е задоволен од израелските акции, но и дека ги поздравува напорите за отстранување на Хамас.
Катар в недела ќе одржи арапско-исламски самит во Доха за да се договори за заеднички регионален одговор кон Израел, а врз Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се врши притисок да ги суспендираат „Авраамските договори“ – спогодбата за соработка со Израел, потпишана во септември 2020 година.
Во петокот ОАЕ го повикаа израелскиот амбасадор за да изразат незадоволство од нападот врз лидерите на Хамас.
Д-р Анвар Гаргаш, висок дипломат од ОАЕ, го предупреди Израел во Советот за безбедност.
„Овие непромислени, агресивни акции нема да му донесат на Израел, ниту на регионот, мир, просперитет, безбедност, ниту стабилност. Тие само поттикнуваат уште повеќе насилство, екстремизам и хаос – токму во време кога на регионот очајно му се потребни воздржаност и деескалација. Понатаму, постојаните закани за анексија на земја и нападите врз соседните земји ја уништуваат секоја основа за траен мир и ја загрозуваат стабилноста на целиот регион“, рече тој.