Граѓани во близина на ЕУ Инфо центар во Скопје
Граѓани во близина на ЕУ Инфо центар во Скопје / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Одлуката на ЕУ за макрофинансиска помош за Македонија од денеска стапува во сила

Од денеска стапува во сила одлуката на Европската Унија за обезбедување макрофинансиска помош за Македонија, во износ од сто милиони евра, а наменети за справување со последиците предизвикани од војната во Украина. Помошта ќе биде исплатена во форма на заеми во две транши, но нивната исплата ќе зависи од реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата, како и од спроведувањето на програмата на ММФ.

Како што пишува МИА, имајќи предвид дека земјава е кандидат за членство и ги започна пристапните преговори, ЕК смета дека таа има право да добие макрофинансиска помош од Унијата како „исклучителен финансиски инструмент за поддршка на платниот биланс, кој има за цел да одговори на непосредните потреби за надворешно финансирање“ и за спроведувањето на мерките за итно прилагодување и структурни реформи за подобрување позицијата на платниот биланс на краток рок.

Во сегашните исклучителни околности макрофинансиската помош на Унијата за Северна Македонија ќе биде соодветен одговор на барањето на земјата за поддршка за стабилизирање на нејзината економија. Макрофинансиската помош на Унијата ќе ја поддржи економската стабилизација и агендата за структурни реформи на Северна Македонија, дополнувајќи ги ресурсите ставени на располагање според финансискиот аранжман на ММФ. Макрофинансиската помош на Унијата треба да има за цел да го поддржи обновувањето на одржливата ситуација со надворешното финансирање на Северна Македонија, а со тоа и да го поддржи нејзиниот економски и социјален развој, заклучува Комисијата.

Во документот натаму се посочува дека утврдувањето на износот на макрофинансиската помош на Унијата за земјава треба да се заснова на квантитативна проценка на преостанатите потреби за надворешно финансирање и да го земе предвид капацитетот на земјата да се финансира со сопствени ресурси, особено со девизните резерви со кои располага

При определувањето на износот на помошта треба да се земат предвид и очекуваните финансиски придонеси од мултилатералните донатори и потребата да се обезбеди правична поделба на товарот помеѓу Унијата и другите донатори, како и претходното распоредување на другите надворешни финансиски инструменти на ЕУ и додадената вредност на целокупното вклучување на Унијата во Северна Македонија, се додава во документот.

Според ЕК, оваа макрофинансиска помош треба да ја поддржи надворешната политика на Унијата кон Северна Македонија и посветеноста на земјата на заедничките вредности со ЕУ, вклучително почитување на демократијата, владеењето на правото, доброто владеење, почитувањето на човековите права, одржливиот развој и намалувањето на сиромаштијата, како и посветеност на принципите на отворена и заснована на правила и фер трговија.

Предуслов за доделување на макрофинансиската помош на Унијата треба да биде Северна Македонија да ги почитува ефективните демократски механизми, вклучително и повеќепартиски парламентарен систем и владеење на правото и да гарантира почитување на човековите права. Дополнително, специфичните цели на макрофинансиската помош на Унијата треба да ја зајакнат ефикасноста, транспарентноста и отчетноста на системите за управување со јавните финансии, како и на управувањето и надзорот на финансискиот сектор и треба да промовираат структурни реформи кои имаат за цел да поддржат одржлив и инклузивен раст, создавање работни места и фискална консолидација. Комисијата треба редовно да го следи исполнувањето на тие предуслови од страна на Северна Македонија и постигнувањето на тие цели, се потенцира во Одлуката.

Одлуката што Советот за општи работи (ГАК) на Унијата едногласно ја одобри на минатиот понеделник, е потпишана од претседателката на Европскиот прламент, Роберта Мецола и од шпанскиот државен секретар за Европската Унија, Паскуал Наваро Риос, во името на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел.

Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ ја одобри Одлуката на своето заседание во Брисле минатиот понеделник со 27 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“. Одлуката, што беше усвоена од страна на Европската комисија на 6 февруари годинава, претходно беше одобрена и од Европскиот парламент на 13 јуни, а на 5 јули и од Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР).

Во Одлуката се посочува дека економијата на земјава, која ги започна пристапните преговори со Унијата на 19 јули 2022 година, беше значително погодена од рецесија во 2020 година како последица на ковид пандемијата, како и од енергетската криза предизвикана од руската агресија врз Украина, што придонесе за зголемување на фискалните потреби.

Владата на Северна Македонија покажа силна посветеност за спроведување на понатамошни реформи, фокусирајќи се на клучните области на политиките идентификувани во Заедничките заклучоци од економскиот и финансискиот дијалог меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан и Турција од 24 мај 2022 година, вклучувајќи ги реформите во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, доброто владеење и владеењето на правото, се наведува во документот.

Со ваквата одлука како што наведе Европската комисија, таа застанува покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња, бидејќи по руската агресивна војна против Украина, надворешниот биланс на земјата се влоши поради нејзината голема зависност од увоз на гориво и електрична енергија.
Според ЕК, помошта ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи.

Макрофинансиската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ за поддршка на земјите кандидати за членство и партнерите од соседството, предвидена како исклучителен инструмент за одговор на кризи при сериозни проблеми со платниот биланс

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот