Јоко Оно и Џон Ленон / Фото: Profimedia

Одамна загубено интервју со Џон Ленон открива: „Тој се плашеше дека американската власт го прислушува“

Одамна загубено интервју со Џон Ленон, пронајдено во подрум по цели пет децении, повторно ќе биде емитувано во чест на неговиот 85. роденден. Разговорот, во кој Ленон зборува за стравувањата дека американската влада го прислушувала, го направил младиот лондонски диџеј Ники Хорн, кој по половина век случајно го пронашол оригиналниот сниман материјал, пишува „Гардијан“.

Хорн имал само 24 години и работел во радио „Капитал“ кога бил поканет во домот на Ленон во Њујорк, каде го дал едно од неговите најискрени интервјуа. Делови биле емитувани во 1975 година, но оригиналната ролна со лентата останала заборавена сè до неодамна, кога новинарот ја пронашол во стара кутија.

„Ова е чисто злато“, рекол Хорн кога ја слушнал повторно.

Во разговорот, Ленон открил дека се сомневал оти е под надзор на властите поради неговиот антивоен активизам.

„Знам кога телефонот е нормален кога ќе го кренам, и кога секојпат има чудни шумови. [Администрацијата] доаѓаше по мене на еден или друг начин — ме вознемируваа. Ќе ја отворам вратата и ќе видам луѓе од другата страна на улицата. Ќе се качам во кола, тие ќе ме следат во друга кола, и тоа без да се обидуваат да се скријат“, рекол тој.

Ленон додал дека тогаш немал докази за прислушување, но чувствувал дека нешто се случува: „Само знам дека долу во подрумот на ‘Дакота’ постојано има некакви поправки.“

Тој спомнал и дека не бил единствениот рок-музичар кој бил под око на американските власти.

„Мик [Џегер] мораше да исчезне во својата дупка за да ги доведе Кит [Ричардс] и останатите на турнеја. Направи многу зад сцената за воопшто да им дозволат влез. Сите имаме проблеми, само јас сакав да останам овде“, рекол тој.

Ленон зборувал и за својот четврти соло-албум „Walls and Bridges“, напишан и снимен за време на неговата 18-месечна разделба со Јоко Оно.

„Не можев ни да ги слушам тие снимки. Сакав само да ги фрлам. Но, им ги пуштив на пријатели и тие ми рекоа: ‘Ова е добро.’ Па си реков: ‘Добро, не е лошо. Всушност, некои делови ми се допаѓаат. Ајде, ќе го издадеме’“, изјавил Ленон.

Опишувајќи го своето секојдневие во Њујорк, Ленон рекол: „Во суштина, тоа е спална соба, студио, телевизор, едно вечерно излегување и назад дома“.

Во интервјуто, Ленон имал и голема надеж за иднината.

„Мислам дека мојата најдобра музика допрва доаѓа. Освен ако не е Божјата волја поинаку, ќе бидам тука уште шеесет години и ќе го правам ова додека не паднам“, изјавил музичарот.

Хорн се присетува дека пред интервјуто бил многу вознемирен, но Ленон го пречекал топло, дури и му испекол чоколадни колачи.

„Седев прекрстен на неговиот бел тепих и одеднаш сфатив дека ми паднале трошки од колачот. Панично се обидував да ги соберам една по една за да не забележи“, се потсетува Хорн со насмевка.

Во специјалната емисија на радио „Бум“, која ќе се емитува вечерва во 21 часот, Хорн првпат детално ќе ја раскаже позадината на интервјуто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот