
ФОТО | Од сандали стари 700 години до врвови на стрели: Гнезда на мршојадци во Шпанија криеле средновековни артефакти
Мршојадците се познати како „чистачи“ на природата, но сега во својата „биографија“ би можеле да го запишат и чувањето на музејски материјали.
Препорачано
Проучувајќи ги необичните мршојадци познати како „брадести“ (Gypaetus barbatus), научниците во нивните гнезда пронашле древни записи за човековата историја, пишува „Саенс алерт / Science alert“.
Денес во Европа постојат само 309 пара брадести мршојадци што се гнездат, но во 19 век, овие птици ги населувале пештерите и вдлабнатините во карпите ширум континентот, вклучувајќи го и Пиринејскиот Полуостров.

Сè што останало од тие сега изумрени популации во јужна Шпанија се нивните гнезда, а некои од нив се напуштени веќе 130 години.
Бидејќи карпестите гребени се редок и драгоцен „недвижен имот“, многу грабливки ги чуваат истите гнезда со генерации, дури и со векови. Пештерите на карпите што ги избирале брадестите мршојадци се особено вредни: нивната постудена и заштитена микроклима обезбедува совршени услови за остатоците од коските да останат зачувани додека пилињата учат да ги кршат со клунот и да ги јадат.
Но, не е во прашање само положбата на гнездото – внатре во тие природни засолништа, семејствата на маршојадците натрупувале слоеви материјали, собирани од околината во текот на многу години.
Семејни птичји „архиви“
Пештерите се покажале како извонредни чувари на материјалот: слоевите што ги собирале мршојадците сега кријат наоди од големо значење и за луѓето, вклучувајќи и неверојатно добро зачуван запис за локалната флора и фауна.
Екологот Антони Маргалида од шпанскиот Институт за истражување на дивиот свет и лов редовно ги посетува гнездата на преостанатите брадани и често забележува парчиња ткаенина, јаже и други предмети, кои птиците ги користат за подобра изолација на јајцата.

Ова го навело да се посомнева дека мршојадците собираат остатоци од човечки предмети веќе многу долго време. Тој со тим посетил 12 напуштени гнезда во јужна Шпанија и внимателно анализирал слој по слој од тие своевидни семејни архиви.
– Благодарение на цврстата градба на гнездата и нивната положба во западниот Медитеран, брадестите мршојадци се вистински музеолози кои со векови чуваат историски материјали во извонредна состојба – наведуваат Маргалида и неговиот тим.
Гнездата главно биле составени од кости од копитари, што дава детален запис за исхраната на мршојадците – а посредно и за животинските видови што живееле во околината – уште од средниот век.
– Овие основни историски податоци, заедно со оние за исхраната и изборот на места за гнездење, даваат драгоцени информации за живеалиштата и животните навики на овој вид пред неколку века – објаснува тимот.
Во слоевите коски биле пронајдени и фрагменти од лушпи од јајца што ги оставале генерации мршојадци. Бидејќи женките снесуваат едно до две јајца годишно, овие фрагменти можат да послужат во токсиколошки анализи кои би помогнале во заштитата на видот, откривајќи ги нивоата на пестициди во минатото.
Најзначајните и најнеобични наоди
Најинтересните и најнеобични наоди, меѓутоа, биле од човечко потекло: неколку древни сандали изработени од трева и гранчиња – меѓу нив и целосно зачувана сандала од еспарто трева стара речиси 700 години.
Во истото гнездо пронајден е и декориран парче овча кожа стар 650 години, а анализата на јаглеродните изотопи покажала дека мршојадците го користеле тоа гнездо пет века пред другото блиско.

Тимот пронашол и фрагмент од кошница стар 151 година, стрела за самострел со дрвен врв, дел од праќа од исплетена еспарто трева и бројни други траги од историската култура.
– Сите овие остатоци ја потврдуваат употребата на растителни влакна во средоземниот дел на Пиринејскиот Полуостров за изработка на најразлични предмети уште од епипалеолитот, пред околу 12.000 години – пишуваат истражувачите.
– Брадестите мршојадци, како собирачи на коски и човечки артефакти во пештерите на северна Иберија, дадоа увид во животите на праисториските човечки заедници кои исто така престојувале таму… поради што овој вид може да се смета за биоиндикатор од исклучителна вредност за долгорочно следење на екосистемите и интердисциплинарни истражувања – додаваат тие.
Мршојадците ги раствораат коските со силна желудочна киселина, ја чистат животната средина, нè штитат од болести – и, изгледа, ја чуваат нашата историја заедно со својата.
Истражувањето е објавено во списанието „Еколоџи“.