
Од Нова година ЕВН-Хоум ќе ја утврдува цената на струјата
Регулаторната комисија за енергетика ќе проверува, а цената на струјата за домаќинствата и за малите потрошувачи ќе ја утврдува „ЕВН Хоум“. Ова е предвидено во измените на Законот за енергетика, а ќе почне да се применува од Нова година.
Препорачано
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, вели дека надлежноста на регулаторот ќе биде да направи проверка, но неизвесно е дали ќе може и да интервенира. Тој објаснува дека ваквиот начин се практикува во речиси сите земји, како и дека освен Македонија, регулаторот ја соопштува цената на струјата уште во Србија и во Косово.
Не е познато дали ваквата промена ќе доведе и до зголемување на цената на електричната енергија.
Инаку, од 1 декември треба да стартува дневната евтина тарифа на струјата која што ќе биде два часа, односно од 13 до 15 часот.
Новата цена на струјата треба да се донесе до крајот на овој месец, а да ќе важи од почетокот на идната година.
Вчера во дебатна емисија, Бислимоски рече дека нема да се прават никакви промени кај тарифните блокови, и покрај сугестиите на ММФ.
„РКЕ го носи тарифниот систем и кажува во кој опсег ќе се блок тарифите. Да, има забелешки од ММФ дека блоковите треба да се намалат, но одговорно тврдам – блоковите и нивниот опсег нема да се намалат. Не е тоа решение. Блоковите даваат резултати. Воведената реформа има ефект и има заштеди од 16 отсто. Дури и тоа што беше потопла зимата има удел, но сепак до овој процент е стигнато со штедење на домаќинствата и факт е дека потрошувачката е намалена, рече Бислимоски за ТВ 24.