Фото: Freepik

Од несвестица до смрт: Еве што се случува ако оставите некого во затворен автомобил на сонце

Со доаѓањето на летото и зголемувањето на температурата, медиумите ширум светот редовно известуваат за трагични случаи на деца и домашни миленици оставени во заклучени автомобили. Иако на многумина им изгледа незамисливо, ваквите ситуации се случуваат почесто отколку што би сакале да веруваме – понекогаш поради момент на заборавеност, понекогаш поради погрешна прoцена дека нешто што треба да го направиме во тој момент ќе „трае само една минута“.

Сепак, дури и таа една минута може да биде фатална. Внатрешноста на автомобил на сонце се претвора во рерна за многу кратко време, каде што температурата брзо се зголемува, создавајќи услови опасни по живот. Затоа е важно да се разбере колку се ризични ваквите ситуации, како да се спречат и што да се прави ако се појават.

Уште кон крајот на 1950-тите, НАСА спроведе тестови за да утврди колку човечкото тело може да издржи екстремни услови, вклучително и екстремна топлина, пишува Кралскиот автомобилски клуб на Австралија.

Денес знаеме дека на температури на воздухот над 44 степени Целзиусови, особено во услови на висока влажност, човечкото тело ги достигнува своите граници на издржливост. За време на таква топлина, обично имаме клима уреди или вентилатори за да нè ладат. Сепак, единствениот простор што го користиме секој ден, а кој може да стане смртоносно жежок, е внатрешноста на автомобилот. Метална капсула без воздух брзо се загрева и станува смртоносна, особено за децата и домашните миленици.

Кога надворешната температура е превисока, телото се обидува да ја намали својата внатрешна температура, обично со потење. Но, во автомобил без циркулација на воздух, потењето не го лади телото. Здравствените експерти велат дека температурата во затворен автомобил може значително да се зголеми за неколку минути. Кога некое лице повеќе не може да се поти, телото се прегрева, кожата е сува, лицето може да ја изгуби свеста, а ако не се лекува, може да се појави откажување на органите, оток на мозокот и смрт.

На надворешни температури од 30 степени Целзиусови температурата во автомобилот може да достигне 60 степени Целзиусови  или повеќе. На 40 степени Целзиусови, возрасен не би преживеал долго, а детето може да умре уште побрзо бидејќи не може да ја регулира телесната температура толку ефикасно како возрасен.

Несреќите често се случуваат во момент на невнимание – родител или старател остава дете или домашно милениче во автомобилот „за минута“ за да поработи нешто во продавницата или случајно ги заклучува клучевите внатре. Дури и ако родителот веднаш е свесен за ситуацијата, секоја минута е важна. Ако ви се случи ова, веднаш јавете се на службите за итни случаи, а операторот ќе ве упати што да правите додека не пристигне помошта.

Доколку сте вие оние кои треба да ппонудите помош, веднаш извадете го детето од жешкиот автомобил, понудете му вода, но погрижете се да пие мали голтки. Преместете го во сенка, отстранете го вишокот облека. Можете да се обидете да го разладите со влажна крпа, но не користете мраз или екстремно ладна вода бидејќи пребрзото ладење може да предизвика треска и дополнителен стрес за телото

За да спречите вакви несреќи, внимавајте на неколку детали. Секогаш носете ги клучевите со себе, дури и кога сте дома. Не го оставајте вашето дете или домашно милениче во автомобилот, дури ни за минута, и проверувајте ги седиштата секој пат кога ќе излезете од возилото.

Заклучокот по сето наведено погоре е јасен – внатрешноста на автомобилот може да се претвори во смртоносна стапица за само неколку минути – и за дете и за домашно милениче. Никогаш не е во ред да ги оставите сами во автомобил. Дури и благо топлите денови можат да бидат фатални.

Реагирајте брзо, бидете внимателни и одговорни бидејќи нечиј живот може да зависи само од неколку минути невнимание или од вашата вештина во пружањето помош.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот