Дел од авторите на монографијата

Објавена е монографијата „Македонска поетика и стилистика“ подготвена од група автори

Деновиве излезе од печат колективната монографија „Македонска поетика и стилистика“ во издание на Комисијата за стилистика на Меѓународниот славистички комитет и на Институтот за славистика на Универзитетот „Карл Франц“ во Грац. Работата на изданието е производ на повеќегодишната работа на неколкумина македонски членови на Комисијата за стилистика при Меѓународниот славистички комитет.

Автори на монографијата се научните истражувачи од Институтот за македонска литература: Славчо Ковилоски, Марина Цветаноска, Билјана Рајчинова-Николова, Славица Петровска-Ѓорѓевска и Ема Лакинска, професорите од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“: Весна Мојсова-Чепишевска, Иван Антоновски и Трајче Стамески, како и Бранко Тошовиќ од Универзитетот во Грац. Изданието е во редакција на Бранко Тошовиќ и Славчо Ковилоски.

Станува збор за прво издание од ваков вид во и за македонската литература. Mонографијата е објавена како трета книга од серијата „Словенска стилистика“. Првиот авторски тим што успеа да го заврши овој потфат е македонскиот, со што изданието стана првата национална монографија посветена на поетиката и на стилистиката во јужнословенските земји.

Овој пионерски потфат, во извесна мера би можел да послужи и како своевидна историја на македонската книжевност, со оглед на тоа што во него е опфатена целокупната македонска литература, почнувајќи од раниот среден век, па сѐ до денес. Посветено е значително внимание на поетиката на македонската поезија, на романите, на драмите, на расказите, на критиката и на другите книжевни жанрови, без разлика дали се оригинални или преведени дела.

Презентирањето и популаризацијата на македонски стилистички и поетички истражувања во светот, особено во словенскиот регион и во Јужнославија (термин на Б. Тошовиќ), ќе биде олеснето со фактот дека оваа монографија е објавена надвор од Македонија ‒ во Австрија, дека е отпечатена во научна серија на една од комисиите на Меѓународниот славистички комитет, дека е опремена со резиме и содржина на англиски, на германски и на руски јазик, со предметен индекс и индекс на имиња и со литература по секоја статија и интегрална библиографија на крајот од аналитичкиот дел од книгата, и дека ќе биде претставена на научни собири во повеќе земји.

Како рецензенти на колективната монографија се јавуваат: Венко Андоновски, Маја Јакимовска-Тошиќ, Валентина Миронска-Христовска, Лорета Георгиевска-Јаковлева и Јасмина Мојсиева-Гушева. Освен нив, на најразлични начини, за потребите на изданието беа вклучени и други лица: Марија Пандева, Елена Пренџова, Владимир Цветкоски и Татјана Б. Ефтимоска. Првата промоција на изданието веќе е закажана и ќе се одржи во Задар, Хрватска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 275, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6.4.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот