Објавена е хибридна збирка со куси лични истории на новинарката Марина Костова

Во издание на „Или-Или“ деновиве излезе книгата „Јазикот е чудна ѕверка“ на новинарката Марина Костова, хибридна збирка со куси лични истории, рецензии и есеи.

Книгата е конципирана како флуиден текст кој иако преоѓа од еден во друг жанр, за заеднички именител го има пишувањето како алатка за уживање во зборот, односно јазикот. Личните истории имаат формат на куса проза низ која се проѕира носталгичното доживување на урбаниот живот во Скопје во распон од речиси 50 години.

Рецензиите за филм анализираат домашни и странски филмски дела во распон од 20 години, но исто како и рецензиите за медиуми и есеите, во суштина го истражуваат духот на совремието, општествените промени и нивното промислување. Меракот за текст е она што ги спојува различните делови во збирката, објаснуваат од „Или-Или“.

Дизајнот на корицата е на германскиот уметник Ангел Паневски, а поговорот е на филмскиот режисер Милчо Манчевски.

– Никогаш не планирав да напишам книга. Едноставно сакам да пишувам, и пишувам – професионално, ама и за себе. Моите блиски кои го читаа тоа што го пишувам ме кандисаа да го соберам напишаното во една книга. Кога ги ставив сите зборови на куп, сфатив дека мојата љубов кон пишувањето и кон зборот е она што ги спојува овие различни текстови: прозни цртички, сеќавања, есеи, рецензии, интервјуа, теоретски размислувања, афоризми, поезија – вели Костова.

Режисерот Манчевски во поговорот, меѓу другото, вели: „Марина Костова го сака секој збор, а го одбира најсоодветниот. Нејзиното пишување оди наспроти моменталните тажни текови во јавно искажаниот збор кај нас. Додека јавниот простор тука е сè позагаден, текстовите на Марина се како игла: безмилосно аскетски, беспрекорно прецизни во исказот, во емоцијата и во интелектуалната намера; без сало, а богати со значење, чувство и убавина“.

Марина Костова е наградувана новинарка и филмска критичарка. Таа е заменичка-главен уредник и членка на основачкиот состав на Дигиталната редакција „Сакамдакажам.мк“.

Авторка е на монографијата „Манчевски“ и на книгата „Дожд, светот за ’Пред дождот‘ на Милчо Манчевски“, кои како македонски артефакти се достапни во над 120 национални и универзитетски библиотеки во светот.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 127, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-8 мај 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот