
Нутриционистка препорачува: Грицка број 1 за намалување на високиот крвен притисок
Барате здрави намирници коишто можете да ги јадете за здравјето на срцето? Според нутриционистите, одговорот лежи во мешунките. Во овој вид храна спаѓаат намирници како што се грав, леќа, грашок и наут, кои можат значително да помогнат при висок крвен притисок благодарение на нивните исклучителни хранливи состојки, пишува „Да се јаде добро“ (EatingWell).
Препорачано
Оваа категорија на намирници е вистински зеленчуков рудник на хранливи материи корисни за подобрување на здравјето на срцето. Редовното консумирање мешунки може да помогне во намалувањето на крвниот притисок и намалувањето на долготрајниот ризик од срцеви болести.
Зошто мешунките се одличен избор?
Мешунките се исклучително прилагодливи и вкусни. Без разлика дали сакате нешто кремасто или крцкаво, секогаш постои ужина на база на мешунки која ќе ги задоволи вашите желби. Тие се богати со влакна и протеини, што ги прави многу заситувачки.
– Една од моите главни препораки за грицки што помага во намалувањето на крвниот притисок се мешунките. Тие се неверојатно разновидни, па можете да уживате во нив на различни начини. Пробајте печен наут (леблебија) за крцкава ужина, варен едамаме попрскан со зачини за сите видови печива или хумус во комбинација со сиров зеленчук или крекери од цело зрно – истакнува нутриционистката Вероника Раус.
Дополнителна предност е што мешунките се долготрајни и поволни во споредба со многу други ужини, односно грицки, што ги прави практични за секое домаќинство. Тие лесно можат да се вмешаат во сосови, во намазите за тост, салатите, па дури и во смути за задоволителна ужина помеѓу оброците.
Природно ниско ниво на натриум
За разлика од многу спакувани ужини, мешунките во нивната оригинална форма природно не содржат натриум. Иако додавањето зачини го подобрува вкусот, тоа не мора да ги загрози здравствените цели. Наместо солени мешавини, обидете се да користите мешавини од билки без сол, сок од цитрус, лук, чадена пиперка или прехранбен квасец. Ако користите конзервиран грав или леќа, нивното плакнење под ладна вода може да ја намали содржината на натриум за околу 36 отсто.
Готовите грицки како печен наут или чипс од леќа може да бидат практични, но важно е да се провери содржината на натриум. Правењето сопствени грицки дома ви дава целосна контрола врз состојките.
Го намалуваат ризикот од висок крвен притисок
Постојат силни докази што ја поддржуваат улогата на мешунките во намалувањето на ризикот од хипертензија (висок крвен притисок). Раус го истакнува прегледот на истражувањето од 2025 година, објавено од Американската асоцијација за срце, а кое открило дека растителните протеини како оние од грав и леќа доследно се поврзани со понизок крвен притисок и намален ризик од кардиоваскуларни болести. Вклучувањето на мешунките во вашето неделно мени е лесен начин за поддршка на здравите нивоа на крвниот притисок.