
Нуредини смирува: Траги од метил акрилат мономер има во цефките, но не и во воздухот
Министерот за животна средина Насер Нуредини, на денешниот брифинг со новинарите, уверуваше дека ситуацијата во Охис е под контрола и дека инспекторатот ја следи ситуацијата. Тој кажа и дека ќе побараат одговорност од сопственикот на фирмата за тоа што се случило.
Препорачано
– Што се однесува до инцидентот што се случи во Охис во петокот, сите институции се вклучени според нивните компетенции да го решат случајот. Потенцирам дека нема место за паника и дека ситуацијата е под контрола. Инспекторите биле на терен и извршител инспекција на самата инсталација – вели Нуредини.
Пред новинарите беше споменато дека траги од метил акрилат мономер има во цефките на цистерната за што беше потврдено од акредитираната лабораторија при штипскиот универзитет. Според анализите, испарувањето внатре е забележано, но не и надвор. Оваа токсична хемикалија не испуштила никакви супстанци надвор во воздухот, но точните резултати ќе бидат официјално објавени.
На брифингот беше и инспекторот од Дражавниот инспекторат за животна средина кој е надлежен за овој случај и кој објасни повеќе детали за самиот настан.
– Станува збор за излевање на течност при миење на цистерна која порано содржела метил акрилат мономер. При вршењето на ова е дојдено до протекување на вентилот и течноста е пролеана во танкваната или бетонската када, а која служи во случај на инцидент опасните материи да не ја загадат почвата и водата. Како резултат на тоа, од наша страна е дадено задолжение веднаш да се собере течноста, затоа што се ширеше непријатна миризба за која реагираа и граѓаните. Сепак некаде до 23 часот вечерта целата течност беше собрана, кадата беше препокриена со пилевина, а истата наредниот ден (саботата) беше собрана и кадата беше дезифенцирана со варова вода – рече државниот инспектор, Пејо Кировски.
На прашањето дали имаат податоци за тоа колкаво било испарувањето во воздухот, тој додаде дека од страна на единицата од АРМ биле направени испитувања, но се уште ги немаат добиено резултатите, а кога ќе пристигнат во Инспекторатот ќе бидат јавно објавени.
Од министерството додаваат дека во фабриката со години има стар отпад кој се чува во кородирани буриња од најмалку 10 опасни материи за коишто треба да се изврши, како што рекоа, категоризација на отпадот, бидејќи составот не е познат оти низ годините натписите се оштетиле.
На прашање на новинарите зошто Министерството за животна средина не е толку инволвирано, како што е во случајот со линданот, за разлика од тендерот со компанијата „Екоцентар 97“ која ја вршеше постапката за чистење на хемикалиите во кругот на „Охис“ и за другите останати токсични материи.
– Се работи за имот кој што не е во надлежност на државата, што не е случајот со двете локации каде што се чува линданот, па се разбира доверителите ги распишуваат тендерите и одлучуваат кои компании ќе ги ангажираат. Министерството учествуваше само во еден дел, кога не консултираа на кој начин треба да се избере компанијата, односно кои критериуми треба да ги задоволи. Па така ние како министерство немавме никаква одговорност во целата постапка при изборот на компаниите – рече раководителот на секторот за ракување со отпад, Ана Каранфиловска Мазневска.
Покрај тоа што станува збор за навистина токсични материи кои можат да доведат до големо загадување на животната средина, при слична ваква хаварија, се поставува прашањето дали сите овие постаки за отстранување и продажба на отпадот е оставено во надлежност на доверители.
– Не е оставено само на доверителите, ние ги даваме насоките на кој начин треба да се избере компанијата, во смисла кои критериуми треба да ги исполнува генерално за да може да се јави на тендерот. Меѓутоа ние директно не учествуваме во изборот на компаниите кои ќе се пријават на тендерот. Но, компанијата која што ќе биде избрана, таа потоа се обраќа кај нас и се изготвува елаборат за влијанието врз животната средина и се издава решение во кое се пропишани сите мерки и активности кои задолжително треба да се превземат од страна на правното лице. Улогата тука на министерството и на Државниот инспекторат е да се вршат контроли врз инсталациите – вели Каранфиловска Мазневска.