
Нуредини: Шествалентниот хром од Јегуновце е ризик за целата држава
Шествалентниот хром кој истекува од старата депонија на Југохром во Јегуновце е проблем кој не е решен туку допрва треба да се решава. Ова го соопшти министерот за животна средина Насер Нуредини на денешната прес конференција посветена на прогласувањето на новиот национален парк Шар планина. Истекувањето на отровната супстанца директно во Вардар, во непосредна близина на изворот Рашче од кој со вода се снабдува градот Скопје, Нуредини го нарече ризик за целата држава.
Препорачано
„Во тек сме со состојбата таму и ние сме во постојана комуникација и соработуваме со компанијата која работи таму“, рече Нуредини, „Очекуваме со донесувањето на пакетот закони за управување со отпад да добиеме добра основа за третман и рехабилитација на старите црни еколошки точки“.
Според министерот за екологија, се уште не е решен проблемот со пумпата која треба да го зафаќа депонискиот исцедок со високи концентрации на отровниот шествалентен хлор.
Проблемот со исцедокот од старата индустриска депонија кој нетретиран се влева во реката поради дефект на пумпата која треба да го носи до пречистителната станица сместена во кругот на некогашен металургиски гигант Југохром, за кој уште минатата година пишуваше Слободен Печат, деновиве повторно се актуелизираше откако медиуми објавија снимка со дрон, на која се гледа дека отпадна темнообоена течност преполна со отровното соединение на хромот веќе формирала вистинско езерце, кое непречено се прелева во Вардар.
Министерството за животна средина во фебруари за Слободен Печат тврдеше дека пречистителната станица за преработка на отровниот исцедок од депонијата на фабриката Југохром од Јегуновце е во функција од крајот на минатата година, откако биле завршени набавките на неопходните хемикалии и резервни делови со набавките направени кон крајот на изминатата година.
Објавени се повеќе научни студии за поврзаноста на водите на Вардар и на подземните води во близина на Јегуновце со подземниот извор на вода за пиење Рашче. Сепак, надлежните од скопски Водовод и канализација потврдија дека во моментов квалитетот на водата за пиење е на високо ниво.
„Точно е дека постои голема опасност од загадување на изворот во Рашче, а за да се спречи тоа и ние како претпријатие имаме алармирано до Министерството за животна средина. Голема е веројатноста хромот од Југохром преку подземните води да стигне до Рашче, но секојдневните мерења на квалитетот на водата покажуваат дека тоа се уште не се случило“, потврдија за Слободен Печат од ЈП „Водовод и Канализација“