Ново откритие: Постои „извонредна врска“ меѓу срцето и мозокот

Фото: Pexels

За неколку секунди, колку што ви се потребни за да ја прочитате оваа реченица, вашето чувство за време може да се прошири или намали, а вашата перцепција за светот може да се промени на начини на кои тешко можете да ги забележите. Суптилните ефекти врз мозокот се незабележливи, срцето чука во вашите гради, што, според новото истражување, ги стимулира и моторните функции, пишува „Саенс алерт“.

Научничката Есра Ал од Институтот за човекови когнитивни и мозочни науки „Макс Планк“ во Германија веќе неколку години го проучува влијанието на срцето врз мозокот, надоврзувајќи се на децениските истражувања и неодамнешните студии со посовремени методи.

Во 2020 година, Ал и нејзините колеги истражувачи откриле дека чувството за надворешни стимули го стекнуваме малку побавно секој пат кога срцето е во она што е познато како период на систола (стегање на срцевиот мускул, при што доаѓа до исфрлање крв од срцевите комори во крвните садови). Тие сетилни острини се враќаат додека срцето се релаксира во дијастола (повторно полнење на срцевите комори со крв по контракција на срцето). Но, со секоја контракција, нашата сетилна перцепција „затапува“. Таквото знаење ги навело научниците да испитаат како реагираат нашите тела и нашите мускули во моментите кога нашите сетила накратко се ослабени.

Научниците ги интересирало и колку сме подготвени да реагираме врз основа на информациите кои штотуку сме ги добиле или сме во краток период на „затишје“.

Некои истражувања покажале дека времето на реакција е бавно за време на систолата и дека ни треба подолго време за да собереме тактилни информации бидејќи тогаш нашата сетилна перцепција е „пригушена“. Други студии откриле дека брзите движења на очите се јавуваат почесто кога срцето се стеснува и сугерираат дека моторните движења може да се тесно поврзани со срцевиот циклус.

Ал и нејзините колеги истражувачи почнале да мерат како церебралниот кортекс, односно делот од мозокот вклучен во контролата на доброволните моторни движења, реагира во текот на целиот срцев циклус.

„Интригантно е што оваа студија открива исклучително силна врска помеѓу човечкото срце и мозокот, откривајќи различни временски ‘прозорци’, прилагодени на акција и перцепција“, велат истражувачите во соопштението.

Истражувачите ги поврзале учесниците во експериментот со неколку различни машини за истовремено да ја снимаат активноста на мозокот, срцето и мускулите на рацете додека седеле на стол, кога завршиле моторна задача која вклучувала стискање на мерач.

Анализирајќи ги податоците од 36 луѓе, истражувачите откриле дека нервните сигнали кои ги контролираат мускулите на рацете се зголемуваат за време на систолата, која обично трае три десетини од секундата. Активноста на мускулите на раката, исто така, била посилна во моментот кога учесниците го стискале мерачот за време на систолата, во споредба со истото дејство за време на дијастолата.

„Генерално, откривме дека активноста во сензомоторниот кортекс е зголемена во систолата и дека таквото зголемување соодветно се рефлектира во силата на моторниот резултат“, пишуваат истражувачите.

Изедначувајќи ги овие резултати со нивните минати наоди, истражувачите сугерираат дека порастот на мускулната активност за време на систолата го надополнува падот на сензорната перцепција, така што постојат различни „прозорци“ во срцевиот циклус, во кои мозокот е подготвен да ги процесира сензорните информации и потоа да делува на нив.

„Можно е да има различни временски ‘прозорци’ во срцевиот циклус, оптимизирајќи ја или перцепцијата или дејството“, заклучуваат истражувачите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот