
Ново автентично истражување на македонското музичко наследство
Скопскиот џез-фестивал на 18 март, со почеток во 13 часот, во „Макка бар“ (бул. Св. Климент Охридски 60) ќе го промовира второто албумско издание на тандемот Добрила Грашеска / Дориан Јовановиќ под наслов „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“.
Препорачано
Промоцијата ќе биде збогатена со мини-концерт на Добрила Грашеска (вокал, лупови) и Дориан Јовановиќ (ут, лупови, електроника).
Албумот „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е ново автентично истражување на македонското музичко наследство, на еден свој, чудесен, начин поинакво од првенецот „Апокриф“ (2021), кој едновремено и едногласно ја освои публиката и музичката критика.
– Овој пат со осум мелодии, небаре разгледници од минатото со подизбришан штембил, Добрила и Дориан раскажуваат ту весели, ту тажни приказни обоени со аритмија, со темна готика или весела динамичност, но со различен пристап кон ткаењето на звукот на утот и вокалот. Имено, соочени со прашањето како понатаму, тие најдоа одговор во збогатувањето на едноставноста со помош на електронски модификатори – лупери и процесори што на утот му додадоа уште еден куп шумови, тонови и звуци, а од вокалот извадија и радио бранови и хорови. Од познати до непознати песни од нашево поднебје, со поинакви аранжмани и изрази, „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е албум кој има задача да отвори ново поглавје, да покаже различен дискурс на нешто колку познато, толку и непознато, да испраша и да израдува. Како пиле. Шарено – посочуваат од Скопје џез-фестивал.
Албумот содржи осум традиционални македонски композиции, во аранжман и изведба на двоецот Грашеска/Јовановиќ. Дизајнот на обвивката е дело на Ника Гавровска. „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е 49-то издание на „SJF Records“, спремно за уживање на компакт-диск, а ќе биде достапно и за даунлоуд и стриминг.
Влезот на промоцијата е слободен.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 171, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19.3.2023)