Нови проблеми: Жителите од 185 улици за да сменат лични документи во МВР треба да донесат потврда за точното име на улицата

Сите граѓани до почетокот на идната година мора да ги променат личните документи доколку во нивниот пасош, лична карта или возачка дозвола не е впишано новото име на државата Република Северна Македонија, но и оние на кои веќе им истекува рокот на важност на овие документи. Поради тоа веќе отсега за термин за „сликање“ се чека еден месец, а како ќе наближува рокот за замена, гужвите се очекува да бидат уште поголеми.

Но, скопјани, покрај ова се соочуваат со уште еден голем проблем. Не сите, туку жителите на 185 улици во Скопје, чии имиња на улиците беа променети со одлука на Советот на Град Скопје во март 2021 година.
Сега, на жителите на овие улици, службите на Министерството за внатрешни работи им бараат, покрај задолжителните документи потребни за нова лична карта или пасош, да достават и потврда од Град Скопје за точната адреса на живеење.

Па така, граѓаните мора да губат време и нерви од шалтер на шалтер, затоа што ниту две години по направената промена на имињата на улиците тие очигледно не се дел од системот на податоци со кои располага МВР. Па така, најлесно е и овој пропуст на надлежните да заврши со „малтретирање“ на граѓаните и со дополнителни финансиски трошоци врз нивниот домашен буџет.

Од МВР објаснуваат дека со одлуката на Град Скопје променети се имињата на 485 улици, а притоа селектирани се 185 нови улици за кои е потребно Уверение од Град Скопје за да се утврди моменталната состојба со името на улицата за да се надминат проблемите кои биле воочени веднаш по примената на имињата на новите улици. Оттаму велат дека Министерството за внатрешни работи не било консултирано од Град Скопје пред и кога била донесена одлука за промена на имињата на улиците, но има обврска веќе донесената одлука да ја спроведе.

Во однос на прашањето зошто се усложнува постапката во период кога граѓаните треба да ги менуваат сите лични документи и кога за слободен термин се чека подолго време, а притоа тие не знаат за која улица ќе се создаде проблемот, од МВР велат дека откако ќе граѓаните ќе ја обезбедат потврдата за точната адреса, не треба да се закажува нов термин.

 Граѓаните кои имаат закажан термин,а немаат уверение од Град Скопје не е потребно да закажуваат нов термин, бидејќи ќе бидат услужени. За семејство кое има 4 членови потребно е да се достави само една потврда, не е потребно поединечно да се достави посебна потврда за секој член. Уверението е потребно со цел точно утврдување на моменталното име на улицата. Воедно информираме дека МВР не е надлежен за утврдување на законитост на одлуки на Град Скопје – одговараат од МВР за „Слободен печат“.

За да се обезбеди Уверението од Град Скопје, потребен е нов имотен лист од Катастар кој треба да се достави во градските служби, а за Уверението мора да се причека десетина дена, ако не и повеќе. Но како и обично, очигледно никој не мисли на скопјани и не се труди да ја олесни процедурата за она што на граѓаните им е наметнато како обврска.

Колку за потсетување, Град Скопје на седницата одржана на крајот од март 2021 година донесе одлука за измена на имињата на 485 улици на територијата на главниот град. Освен нови имиња, на дел од улиците им се вратија старите називи, како на пример на улиците Ленинова, Железничка, Мексичка, Каирска, Стив Наумов, Салвадор Аљенде, 4 Јули, 29 Ноември, Бихаќка, Водњанска и други..

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот