
Нови откритија на научниците: Аутизмот може да се забележи и во начинот на одење
Аутизмот е невроразвојно нарушување кое влијае на начинот на кој мозокот се развива и функционира, а со тоа и на однесувањето, комуникацијата и социјалните вештини.
Препорачано
Меѓутоа, новото истражување потврдува дека аутизмот може да влијае и на начинот на кој личноста оди – што на стручен јазик се нарекува шема на одење или gait, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).
Одот кој изгледа „невообичаено“ денес се наведува и како помошен дијагностички индикатор за аутизам во официјалниот прирачник за дијагноза на ментални нарушувања (ДСМ-5).
Студијата покажува дека аутизмот, шизофренијата и биполарното растројство имаат иста причина.
Како изгледа тоа во пракса?
Кај лицата со аутизам може да се забележат следните карактеристики на одењето:
– одење на прсти (т. н. „toe-walking“)
– одење со прсти или стапала свртени навнатре („in-toeing“)
– одење со прсти свртени кон надвор („out-toeing“)
Истражувањата покажаа и посуптилни разлики, како што се:
– побавно одење
– пошироки чекори
– подолго траење на фазата кога стапалото е на земја
– подолго време потребно за да се направи секој чекор
– поголема варијабилност во должината и брзината на чекорите
Луѓето со аутизам честопати имаат и тешкотии со рамнотежата, координацијата, стабилноста на телото, па дури и со ситните моторни вештини, како што е пишувањето со рака.
Зошто се случува ова?
Овие разлики најчесто произлегуваат од разликите во развојот на мозокот, особено во регииите наречени базални ганглии и малиот мозок (cerebellum).
Базалните ганглии играат клучна улога во планирањето на движењата и контролирањето на држењето на телото, додека малиот мозок користи информации од видот и чувството на телото во просторот за да бидат движењата прецизни, стабилни и координирани.
Разликите во структурата, функцијата и поврзаноста на овие делови од мозокот кај лицата со аутизам можат да влијаат на одењето и општите моторни вештини. Всушност, овие разлики не исчезнуваат со возраста – напротив, кај некои луѓе тие стануваат поизразени како што стареат.
Кај децата и возрасните со повеќекратни развојни тешкотии, разликите во одењето често се поизразени и се поврзани со пречки во говорот и когнитивните способности.
Интересно е и тоа што „неправилностите“ во одењето можат да бидат знак дека лицето има премногу стимулации од околината – сензорно или ментално „преоптоварување“ (overload) – и дека му е потребна пауза или поддршка.
Дали треба да се лекува одењето?
Не секогаш. Многу луѓе со аутизам имаат благи разлики во одот кои немаат никакво влијание на секојдневниот живот – и во овие случаи нема потреба од терапија.
Поддршката е корисна само кога овие разлики влијаат на секојдневното функционирање, на пример ако:
– постои зголемен ризик од паѓања
– лицето има болки во грбот, стапалата или мускулите
– детето не може да учествува во физичките активности што ги сака
Некои деца може да имаат корист од програма за развој на моториката, но таа не мора да се одвива во просторија за терапија. Училиштата што вклучуваат движење преку игра и настава им овозможуваат на децата со аутизам спонтано да ја развиваат моторкиката и со своите врсници.
Еден таков пример е австралиската програма „Радост на движењето“ (Joy of Moving), која ја поттикнува физичката активност директно во училниците.
Истражувањата покажуваат: децата со аутизам кои учествуваат во спорт, танц и слични активности во заедницата постигнуваат значителен напредок во моториката.
Ваквите модели на поддршка исто така му помагаат на детето да ја задржи контролата врз сопствените движења, без да чувствува дека нешто „не е во ред“ и дека мора да се поправи.
Каде понатаму?
Иако денес знаеме многу повеќе за специфичностите на одењето кај луѓето со аутизам, научниците сè уште истражуваат кога и зошто настануваат варијациите, како и како најдобро да се пристапи кон поддршка на секое дете – особено за време на развојниот период.
Охрабрува фактот дека физичката активност помага и во социјалните и вештините за однесување, особено кај децата од предучилишна возраст со аутизам.
Затоа многу земји, вклучително и Австралија, сè повеќе инвестираат во заеднички програми и поддршка надвор од формалните дијагнози, за децата и со и без аутизам имаат еднаков простор за раст и движење.