Фото: Unsplash

Новата студија предупредува: Луѓето кои не ги јадат овие три намирници се склони кон агресиja и насилни испади

Ако лесно збеснувате, можеби не е виновна вашата личност, туку исхраната. Научниците од Универзитетот во Пенсилванија открија дека луѓето кои земаат омега-3, кои се наоѓаат во рибата, лененото семе и оревите, имаат помали агресивни и насилни испади.

Тимот анализирал над 20 студии кои ја тестирале оваа хранлива состојка, откривајќи намалување на агресијата за 30 отсто кај луѓето кои земале додаток најмалку две недели. Бидејќи се покажало дека омега-3 ги поттикнува функциите на мозокот, истражувачите сугерирале дека може да ги подобри механизмите кои не функционираат добро кај луѓето со агресивно однесување, пишува „Дејли мејл“.

– Мислам дека е време да се воведе суплементацијата на омега-3 за да се намали агресијата, без разлика во какво опкружување се наоѓаат луѓето, дома, болница или во системот на кривичното правосудство. Омега-3 не е магичен пијалак којшто целосно ќе го реши проблемот со насилството во општеството. Но, дали може да помогне? Цврсто веруваме дека може и треба да почнеме да делуваме врз основа на овие сознанија што го имаме – рекол неврокриминологот Адријан Рејн од Универзитетот во Пенсилванија.

Омега-3 е вид на маснотии што му се потребни на вашето тело за да преживее, но што не може да ги произведе самостојно. Некои вообичаени извори на хранливи материи се рибите како скуша, лосос и харинга, како и лененото семе, чиа, ореви и соја. Ако не сте љубител на овие намирници, лекарите често препорачуваат да земате таблети со рибино масло, кои се богати со хранливи материи.

Професорот Рејн веќе една деценија ја истражува врската помеѓу омега-3 и криминалното однесување.

Неговата најнова студија, која беше објавена во списанието „Агресија и насилно однесување“ (Aggression and Violent Behavior), собрала и анализирала податоци од 29 претходни студии кои вклучувале 3.918 учесници од 1996 до 2024 година. Околу 51 отсто од поединците биле деца и млади луѓе.

Учесниците земале, во просек, 1,18 грама омега-3 суплементи во траење од неколку недели.

Во просек од тие наоди, професорот Рејн и неговите колеги откриле дека кај луѓето од сите возрасти, пол, психолошка дијагноза, траење на третманот и дозирањето, дошло до просечно намалување на агресивното однесување за 30 отсто.

Меѓутоа, тимот забележал дека нивните наоди се покажале безбедни само за краткорочно намалување и дека се потребни повеќе истражувања за да се видат долгорочните ефекти. Веројатно, на луѓето кои се борат со насилни испади ќе им треба повеќе од промена на исхраната за да ја подобрат својата ситуација.

„Во најмала рака, би рекле дека дополнувањето на омега-3 треба да се смета како додаток на други интервенции, без разлика дали тие се психолошки (на пр. КБТ) или фармаколошки (на пр. рисперидон) по природа, и дека старателите се информирани за потенцијалните придобивки“, напишале професорот Рејн и неговиот тим во студијата.

„Ние веруваме дека е дојдено време и да се спроведе суплементација со омега-3 во пракса и, исто така, да се продолжи научно да се истражува нејзината долгорочна ефикасност.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот