Фото: Pexels/Andrea Piacquadio

Нова студија: Ако подолго време се образувате, побавно ќе стареете и подолго ќе живеете

Подолгиот престој во училиште не само што овозможува подобро образование, туку исто така значи дека имате поголема веројатност да живеете подолго поради помало трошење на клетките. Барем така сугерира новата анализа на податоци со примерок од 3.101 лице низ дури три генерации, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).

Генерално зборувајќи, повеќе години образование значи подолг живот, но научниците сè уште се обидуваат да откријат зошто. Затоа, експертите од САД, Норвешка и Велика Британија сакале поблиску да ја разгледаат врската помеѓу образованието и здравјето.

Иако е општо прифатено дека, како општо правило, подобрите квалификации значат подобри работни места и повеќе пари – што пак, за возврат значи подобар пристап до здравствената заштита и можностите за поздрав живот – ова ново истражување сугерира дека на клеточно ниво, нашите тела веројатно стареат побавно ако повеќе време поминуваме во училиште.

– Веќе долго време знаеме дека луѓето со повисоко ниво на образование обично живеат подолго. Но, постојат низа предизвици во откривањето како се случува ова и, што е критично, дали интервенциите за промовирање на образовните достигнувања ќе придонесат за здрава долговечност – рекол епидемиологот Даниел Белски од Универзитетот Колумбија за „Саенс алерт“.

Дополнителни две години школување во просек е два до три отсто побавно стареење, покажала анализата. Податоците се земени од „Фрeмингaм харт стади“ (Framingham Heart Study), истражувачки проект кој ги следел податоците собрани од 1948 година до денес, а се однесуваат на поголема група луѓе, нивните деца и внуци.

Истражувачите го користеле алгоритамот на епигенетичен часовник на податоци, дизајниран за мерење на биолошката старост користејќи маркери во ДНК. Кога научниците зборуваат за побрзо биолошко стареење, тоа не е дека нашите родендени доаѓаат побрзо – туку дека нашите клетки порано покажуваат оштетување.

Преку вкрстени референци помеѓу браќата и сестрите и меѓу децата и нивните родители, истражувачите успеале донекаде да ги изолираат ефектите од образованието. Ова е првпат образованието и биолошкото стареење да се поврзани на овој начин.

– Клучна забуна во ваквите студии е тоа што луѓето со различни нивоа на образование обично доаѓаат од семејства со различни нивоа на образование и други ресурси – рекол епидемиологот Глорија Граф од Универзитетот Колумбија.

За да се намалат овие сомнежи, тие се осврнале на „образовната мобилност“, односно колкаво образование некој постигнал во однос на неговите родители, браќа и сестри. Овој метод помогнал да се објаснат разликите во семејствата за попрецизно да се утврди како образованието влијае на стареењето и долговечноста.

– Откривме дека подоброто образование е поврзано со побавно темпо на стареење и намален ризик од смрт – рекла Граф.

Прашањето зошто точно се случува ова не е обработено во студијата. Сигурно е можно причините да се исти како оние кои го поврзуваат високото образование со подолгиот живот – можност да си дозволиме подобра здравствена заштита и пристап до поздрав начин на живот.

Дел од причината за студијата бил да се испитаат придобивките од промовирањето на понатамошното образование и да се истражат начини за мерење на неговиот успех во одржувањето на подобро здравје – во што овие биолошки маркери на стареење сега можат да помогнат.

Исто така, голем број други фактори, вклучително и сиромаштијата во детството, веројатно ќе влијаат на смртноста.

– На крајот, потребни се експериментални докази за да се потврдат нашите наоди – заклучува Белски.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот