Насловна корица на книгата во издание на „Панили“

Нова книга на писателот Трајче Кацаров е „Романот за Чарли Офтика – Туркачот“

Писателот Трајче Кацаров го објави своето ново дело кај издавачот „Панили“ (2025, Скопје). Станува збор за хумористичен роман во кој комичните ситуации, градени преку ликовите предадени на емпатијата, љубовта, љубомората, зависта, се нижат како на филмска лента, веродостојно и нужно, притоа правејќи ја содржината лесно читлива, односно, лесно видлива.

Насловниот лик Чарли Офтика – Туркачот по многу нешта потсетува на популарниот Шарло – Чарли Чаплин. Емпатичен, сентиментален како прототипот, живее за да стане холивудска кино ѕвезда и да им помага на луѓето. Бутка автомобили и сѐ она што треба да се подбутне за да киниса. Туркачот на туѓи товари и сопствени заблуди, за навидум нормалниот свет, е будалетинка, личност за потсмев или како што го нарекува Пилето, љубовта на неговата кино авантура, типичен идиот.

Адвокатот, доктор по правни науки и автор на приказната Алексеј Миро, човекот во кој се огледа конвенционалниот живот во општествената заедница (дисциплинирано ги обавува животните задачи и чесно заработува) во Чарли Офтика – Туркачот ја препознава црната точка, алтер егото на секој што битисува во мала, зафрлена животна средина.

Средина каде киното е единствениот излез од барата чија вода ѝ доаѓа преку глава на секоја продуховена личност. Адвокатот, исплашен во Чарли Офтика – Туркачот да не го препознае своето алтер его, прибегнува кон правилото – запиши го тоа што сакаш да го заборавиш, што сакаш да не биде твое. Така го пишува „Романот за Чарли Офтика – Туркачот“.

Во предговорот на своето ремек-дело „Дон Кихот“, Сервантес пишува: „Во книжевните ликови што ги создава, авторот, не наоѓа никој друг освен самиот себе.“

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 276, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13.4.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот