Нов медицински факултет во Битола наесен: За едни „одлична идеја“, за други уште еден „дефектен производ“

Фото колаж на СП

Пратениците од СДСМ Ненад Коциќ, Жаклина Лазаревска, Бети Рабаџиеска Наумоска и Миле Талески предложија закон со којшто ќе се основа нов медицински факултет во состав на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола. Во предлогот бараат факултетот да е правен наследник на Високата медицинска школа при битолскиот универзитет и таму да се врши високообразовна дејност како додипломски, постдипломски студии, специјализации, субспецијализации и докторски студии. Предложеното седиште на факултетот е во Битола. Се предлага факултетот да почне со работа од академската 2024/2025 година односно од есен, со четири единици – отсек „општа медицина“, отсек „стоматологија“, отсек „фармација“ и Висока медицинска школа. На Високата медицинска школа моментално има 20 вработени од кои 9 наставници во редовен работен однос, а 27 наставници во дополнителен работен однос. Со донесување на ова законско решение за реализација на наставата потребно е да се вработат најмалку 10 наставници во редовен работен однос, 25 наставници во насловни звања и петмина за административен и технички персонал.

Ваквиот предлог веднаш наиде на критики од долгогодишни професори на Медицинскиот факултет во Скопје. Доктор Нико Беќаровски, редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје кој во неговата работа е вклучен од 1992 година, за „Слободен печат“ вели дека оваа идеја е лоша од повеќе аспекти, а најмногу поради немањето кадар и услови да се оствари, но и поради тоа што отстапува од светските стандарди за тоа колку медицински факултети може да има во мала држава од еден милион и осумстотини илјади граѓани.

– За разлика од сите други факултети од општествената група, за основање на медицински факултет потребно е да постојат и кадар и услови. Треба да има каде да се одвиваат клиничките предмети, експерименталната и лабораториската настава. Во моментов прашање е дали воопшто Медицинскиот факултет во Скопје ги исполнува сите услови, а не пак тетовскиот или штипскиот кои со сигурност не ги исполнуваат. не е логично сега да направиме уште еден дефектен факултет. Околу кадарот, нека проверат каков кадар предава во Штип и во Тетово. Има еден куп несоодветни кадри. Клиничари предаваат претклинички предмети како физиологија, патофизиологија и анатомија. Наставата ја шетаат од Штип во Скопје, во ГОБ „8 Септември“. Студентите немаат базично место и сега повторно сакаат истата приказна да ја направат, изјави за „Слободен печат“ професор доктор Беќаровски.

Според него, не постои ниедна држава во светот каде на 1 милион и 800 илјади жители има четири медицински факултети.

– Ако тргнеме по таа логика, само во Истанбул ќе треба да има 40 медицински факултети. Постојат светски стандарди на колку жители се отвора медицински факултет. Нека кажат во која било друга држава го има овој број на медицински факултети. Во Франција има 9 медицински факултети на 67 милиони население. Тие се стандардите. Мали држави како нашата треба да имаат еден медицински факултет. Зборуваме за државни медицински факултети, додава доктор Беќаровски.

Пратениците од СДСМ пак, не се согласуваат. Еден од предлагачите, пратеникот Миле Талевски вели дека потребата од нов факултет произлегла од самите разговори со граѓаните и студентите.

– Потребата за нов Медиицнски факултет се јави затоа што студентите кои сакаат да студираат на Медицинскиот факултет првпат ќе имаат можност да студираат таму каде што живеат. Овој наш предлог е на нивно барање и веќе имаме сериозна благодарност од народот, од граѓаните кои гравитираат во овој регион. Трошоците се енормно големи за студентите кои се од Прилеп, Битола, Охрид, Ресен, доколку студираат во Скопје и тоа е главната инспирација – студентите да имаат можност и право да студираат на медицински факултет во местото каде што живеат, да им биде попристапно, вели пратеникот Талевски за „Слободен печат“.

Тој додава дека предлог законот е во прва фаза односно во прво читање и дека наставните бази на факултетот е предвидено да бидат во Клиничката болница Битола, во Специјалната болница за кардиолошки заболувања „Свети Стефан“ Охрид, во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ Охрид и во специјална болница за нефрологија Струга.

– Законот е предложен во редовна, а не во скратена постапка и предвидено е да биде подобруван со амандмани за да се дојде до квалитетно решение кое ќе го поддржи овој голем проект, посочи пратеникот Талевски.

Пратеничката Жаклина Лазаревска за „Слободен печат“ вели дека е уверена дека со предлогот за основање на нов медицински факултет, се прави многу добра работа за граѓаните и за здравствениот систем: се создаваат квалитетни здравствени услуги преку обучени и компетентни лекари, ќе се придонесе во создавањето нов и стручен кадар, ќе се подобри здравствениот систем и ќе се одржат високи стандарди во медицината.

Високата медицинска школа во Битола се наоѓа на последниот петти кат од Клиничката болница Битола и располага со кабинет за физикална медицина, школска лабораторија, хемиска-броматолошко токсиколошка лабораторија, два амфитеатри, кабинет за нега на болен, библиотека, три предавални, канцеларија за сметководство, канцеларија за студентски прашања, кабинети за наставници, директорски кабинет, простор за студенти во вкупна површина 1.897 квадратни метри.

– Дополнително, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола располага со зграда од 1.600 квадратни метри на три ката во комплексот стара касарна во Битола, која моментално не се користи, но Универзитетот ќе ја стави на располагање на новиот факултет за медицински науки и здравство, вели пратеничката Лазаревска за „Слободен печат“.

Подготовките за почеток со работа на факултетот ќе ги врши матична комисија. Членовите на матичната комисија ги именува Владата на предлог на министерот надлежен за работите на високото образование, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. Факултетот ќе почне со работа по целосното спроведување на постапката за основање уредена со Законот за високото образование.

Средствата за финансирање на дејноста на Факултетот ќе се обезбедуваат од Буџетот и од други извори определени со закон.

Затекнатите студенти на студиските програми на Високата медицинска школа од студиската 2024/2025 година го продолжуваат своето образование според студиската програма по која ги започнале студиите.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот