Нов изборен модел во априли-лили

Фото: Слободен печат

До одржувањето на парламентарните избори закажани на 12 април следната година, има сосема доволно време за политичките партии да постигнат консензус за нов изборен модел, односно за една изборна единица, изјави премиерот Зоран Заев. Според него, би било добро кога априлските избори би се одржале според новиот модел, но и да не се случи тоа, ќе се направи огромен чекор ако се постигне договор промените да важат за изборите што ќе се организираат потоа.

– СДСМ вети модел со една изборна единица, сега е на ред парламентот. Ако Собранието предложи измени и дополнувања на Изборниот законик, ние ќе гласаме. Сакам да го направиме тоа сите заедно, убаво е да се дефинира со консензус, значи и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и другите партии да застанат зад тоа што ќе го договориме – рече Заев.

Тој верува дека малите партии што ги водат разговорите ќе направат сè што е потребно да ги седнат на маса сите партии и тие да го кажат својот став.

– Јас би бил задоволен ако можеме да почнеме веднаш со нов изборен модел. Тоа за мене е демократија. Една изборна единица значи дека најмногу губи СДСМ, па потоа губи ВМРО-ДПМНЕ, па ДУИ, барем според тоа како сме рангирани по последните избори. Но, добива демократијата и помалите партии, се отстранува можноста за воспоставување каков било авторитарен режим. Најдобро е да се почне сега, но би бил задоволен и ако договориме промени за на изборите потоа – рече Заев.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски се согласува со тврдењето на премиерот дека до април има доволно време за да се промени изборниот модел, но тврди дека шансите за постигнување консензус помеѓу политичките партии се многу мали.

– Моделите што ги предлагаат премиерот Зоран Заев и опозиционерот Христијан Мицкоски се дијаметрално спротивни. Едниот бара пропорционален модел со една изборна единица, а другиот мнозински модел со 120 изборни единици. Оттука се раѓа и заклучокот дека ќе биде многу тешко двајцата да се согласат за едно заедничко решение. Впрочем, изборниот модел треба да се направи така што ќе им одговара на сите политички партии. Теоретски гледано, премиерот Заев успеа еднаш да собере доволно гласови за изгласување на уставните измени, па реално би можел истото да го стори и сега. Меѓутоа, не е во тоа поентата. Поентата е сите партиски лидери да се договорат за тоа кој е најдобар изборен модел. Значи, време до април има, но волја за постигнување консензус очигледно нема – објаснува Арсовски.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, прашањето за промена на изборниот модел се актуелизира поради страв на власта од пораз на изборите и според нив, нема доволно време за спроведување покрупни измени во Изборниот законик. Освен СДСМ, ниедна од поголемите партии во Собранието не го поддржуваат предлогот за една изборна единица и отворени листи.

Јанушев: Менувањето на изборниот модел пред избори е несериозно

Договарањето нов изборен модел на неколку месеци пред изборите е несериозно, непрофесионално и тоа не треба да го правиме, изјави генералниот секретар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

– Имаме закажани избори, па од кој било аспект – од правен, од човечки, од аспект на граѓаните што треба да гласаат на овие избори, едноставно не е добро да го правиме тоа во моментот. Како ќе се одвиваат понатаму работите по изборите и по формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе оставиме времето да покаже. И Заев е свесен дека без консензус меѓу релевантните политички партии едноставно е невозможно да помине промена на изборниот модел. Тој е свесен дека нема да помине, меѓутоа се обидува да ги манипулира граѓаните и помалите партии. Нашиот став е добро познат и повеќепати повторуван – мнозински со 120 изборни единици и сето тоа да се изгради со консензус со другите релевантни политички субјекти – рече Јанушев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот