
Ниту дождот не го изгасна пожарот на Дрисла – граѓаните се гушат од чадот и смрдеата
И покрај дождот што од ноќеска паѓа во скопската котлина и донесе мало олеснување, пожарот на депонијата Дрисла и понатаму не е целосно изгаснат. Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, изјави дека и во претходните денови биле исфрлени огромни количини вода, но чадењето сè уште продолжува.
Препорачано
Тој најави дека ќе се преземат дополнителни мерки за конечно да се прекине горењето, кое веќе неколку дена го влошува квалитетот на воздухот во главниот град.
Жителите на Аеродром, Ново Лисиче, Драчево, Кисела Вода и Центар се жалат на неподнослива смрдеа од запалена гума и густ чад. Велат дека не можат ниту кратко да престојуваат надвор, а со денови споделуваат снимки и фотографии од загадениот воздух барајќи итна реакција од институциите.
Ангелов вчера објасни дека смрдеата што се чувствува во Скопје се должи на промената на правецот на ветрот, кој сега дува од депонијата кон градот.
„Вечерва, но и во текот на ноќта, продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро“, изјави тој.