Николовски во офанзива против корупцијата и криминалот, ВМРО-ДПМНЕ објави скандал за неговиот брат

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, во вторник ќе објават голем акциски план за борба против корупцијата и криминалот.

Според Николовски, планот ќе ги содржи сите забелешки, препораки и барања на невладините организации, на Граѓанската платформа за борба против корупцијата, на „Транспаренси”, на Државната комисија за спречување на корупцијата, на регулаторните тела и сите забелешки и препораки од стратешкиот партнер-САД, Извештајот на ЕК, и од сите релеватни институции кои ја следат состојбата во државата.

-Со тоа ќе побараме отворање на широк фронт, пред се политички, со максимална поддршка на сите чинители ако сакаме да си ја средиме земјата, ако сакаме да имаме систем, ако сакаме законот да важи за сите-дајте да ги имплементираме сите оние барања кој до нас се испорачани. Мојот кабинет активно работеше на нивно детектирање, на сублимирање и ние тоа на Влада ќе го понудиме и објавиме и бараме секој чесен и одговорен човек, што и мисли добро на оваа држава, понатаму да не ги блокира, туку да даде поддршка, помош и поткрепа на сите овие работи, рече генералниот секретар на СДСМ и вицепремиер за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.

Додаде дека со приемот на земјата во НАТО се решени крупни историски проблеми и сега било време за решавање токму на овие приоритети кои што се битни за сите граѓани.

На новинарско прашање каде има најмногу корупција, Николовски подвлече дека тоа е зло кое го имаме во сите пори на општеството и не само во нашата татковина, туку го има насекаде и затоа пораката која се праќа со поставување на високо ниво на заменик претседател на Владата, кој во своето портфолио ја има токму борбата против корупцијата и криминалот, е дека тоа е на врвот на приоритетите на Владата.

– Ако мене ме прашувате во кои области ја има најмногу корупцијата тоа е во урбанизмот, издавањето дозволи, концесии, во спортот, во службите во општините, секаде каде навиките се вкоренети не во овие две или три години, туку со децении наназад. Ние сега имаме пред нас да решиме децениски проблем и сум убеден дека како чесна, нова генерација на македонски политичари сите заедно ќе успееме во таа борба, одговори Николовски.

Тој се осврна и на досегашните блокади и кочењето на клучни законски одредби од страна на опозицијата и истакна дека е потребна реформа на сите политички партии, како и македонско единство за да има правда, ред и дисциплина без оглед за кого станува збор.

Попладнево опозициската ВМРО-ДПМНЕ  го прозва првиот антикорупционер Николовски во врска со афера во која, според партијата вмешан е неговиот брат.

-Дали Љупчо Николовски, вицепремиер за борба против корупцијата е всушност најголем корупционер во власта ?! Додека инспекциите затвораат фирми на граѓани и за најмал пропуст, фирмата на братот на Љупчо Николовски наплаќа во кеш, без притоа да издава фискални сметки. Братот на Николовски врши криминал и нелегално зема готовина. Николовски наплаќаат кеш спротивно на Законот за регистрирање на готовински плаќања, наплаќа на одредени правни субјекти. Фамилијата Николовски го кршат законот и работат спротивно на прописите, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовски се повикува на чл.12 од Законот за регистрирање на готовински плаќања каде се вели -„Не е дозволен промет на добра и услуги кои не се вршат преку монтиран и воведен во користење одобрен фискален систем на опрема освен во случаи кога е потребен ремонт или поправка на фискална апаратура односно надворешниот GPRS уред“.

-Доколку било кој друг граѓанин беше на местото на братот на Љупчо Николовски, првин ќе добиеше глоба од 5000 евра, а потоа ќе имаше и постапки против него од страна на УЈП. И така човекот глава немаше да крене од инспекции и казни, но кога се работи за личните бизниси на врвот на СДСМ, вклучително тука за вториот човек во СДСМ и во власта, закон не важи, важно е само да се прават пари. Ова се каса прими издадени од страна на фирмата на братот Николовски, Лариком Импекс, како доказ дека наплаќаат во кеш, без да издадат фискална сметка, рече Арсовски и ја презентираше оваа белешка „каса-прими“ во вредност од 1.200 денари со видлив печат на Лариком Импекс.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Тој ја повика јавно Сања Лукаревска и УЈП веднаш да постапат согласно законот и да влезат во фирмите на семејството Николовски, но и да каже зошто до сега не постапиле согласно закон, како и Антикорупциска комисија веднаш да отвори случај против Љупчо Николовски и да ја испита неговата вмешаност влијание дали го има, како и дали била злоупотребена неговата функција и влијание во корист на фирмата на неговиот брат. Одговорност мора да има, дециден е Арсовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот